Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето име објавено на свахили

Божјето име објавено на свахили

„Свахили.“ Кога ќе се спомне овој јазик, многумина помислуваат на Африка и на сцени со диви животни кои безгрижно трчаат по пасиштата на Серенгети. Сепак, за свахили и за народот што го зборува овој јазик има да се каже многу повеќе.

СВАХИЛИ е јазик што го зборуваат 100 милиони луѓе во најмалку 12 земји во Средна и Источна Африка. * Тој е официјален јазик на неколку земји, како што се Кенија, Танзанија и Уганда. Се користи и во околните земји бидејќи им овозможува на луѓе од различни места да се занимаваат со трговија и лесно да комуницираат.

Јазикот свахили одиграл многу важна улога во обединувањето на народите од Источна Африка. На пример, само во Танзанија се зборуваат најмалку 114 племенски јазици. Замисли си како патуваш само 40-80 километри од дома и сретнуваш луѓе што зборуваат јазик кој е сосема поинаков од твојот! А во некои случаи, сите луѓе што зборуваат еден јазик живеат во само неколку мали села. Како ќе се разбереш со нив? Затоа е сосема јасно зошто е толку корисно да се има еден заеднички јазик.

Историјата на свахили

Се верува дека свахили почнал да се зборува барем од 10 век. Во пишана форма почнал да се користи во 16 век. Оние што учат да зборуваат на свахили набргу сфаќаат дека голем број зборови се слични со некои арапски зборови. Всушност, најмалку 20 отсто од зборовите на јазикот свахили имаат арапско потекло, додека повеќето други се од африканско потекло. Затоа не е ништо чудно што неколку стотици години свахили се пишувал со арапско писмо.

Денес, свахили се пишува со латинско писмо. Што се случило? Зошто настанала таа промена? За да го најдеме одговорот, мора да се вратиме во средината на 19 век, кога во Источна Африка пристигнале првите мисионери од Европа за да им ја пренесат библиската порака на локалните жители.

Божјата Реч најпрво пристигнува во Источна Африка

Во 1499 год., за време на епското патување на Васко де Гама околу најјужната точка на Африка, португалските мисионери го пренеле католицизмот во Источна Африка започнувајќи мисија во Занзибар. Меѓутоа, за 200 години, Португалците и нивното „христијанство“ биле протерани од таму бидејќи наишле на противење од локалното население.

Поминале уште 150 години пред Божјата Реч повторно да си го пробие патот во Источна Африка. Овојпат тоа го направил германскиот мисионер Јохан Лудвиг Крапф. Кога пристигнал во Момбаса (Кенија) во 1844 год., населението на брегот на Источна Африка било главно муслиманско, додека многу луѓе од народите што живееле во внатрешноста се држеле за своите традиционални, анимистички верувања. Крапф сметал дека е многу важно сите луѓе да имаат Библија.

Тој не губел време и веднаш почнал да го учи јазикот свахили. Во јуни 1844 год., кратко по своето доаѓање, почнал да ја преведува Библијата — задача која не била ни малку лесна. За жал, веќе следниот месец претрпел тешка загуба — умрела неговата сопруга со која бил во брак две години, а само по неколку дена починала и нивната мала ќеркичка. Иако му било многу тешко поради тоа, тој продолжил да ја преведува Библијата. Во 1847 год., биле објавени првите три поглавја од книгата 1. Мојсеева, кои станале првиот отпечатен текст на јазикот свахили.

Крапф бил првиот што користел латинско наместо вообичаеното арапско писмо за да пишува на свахили. Една од причините што не го користел арапското писмо била тоа што „арапската азбука би била пречка за Европејците“ кои подоцна би го учеле тој јазик и дека „латиницата ќе им олесни на ‚староседелците да ги изучуваат европските јазици‘“. Некои луѓе уште долги години продолжиле да го користат арапското писмо, а делови од Библијата биле издадени и на арапски. Меѓутоа, користењето латиница навистина им олеснило на многу луѓе да научат свахили. Без сомнение многу мисионери и други лица што учеле свахили биле многу среќни поради таа промена.

Освен што бил првиот кој ја преведувал Божјата Реч на свахили, Крапф ги поставил темелите и за работата на други преведувачи. Тој ја издал првата граматика на свахили, како и еден речник на овој јазик.

Божјето име на свахили

Во првото издание на првите три поглавја од 1. Мојсеева, Божјето име било преведено со изразот „Семоќниот Бог“. Но, некаде кон крајот на 19 век, во Источна Африка пристигнале уште неколку луѓе што продолжиле со преведување на целата Библија на свахили. Некои од нив биле Јохан Ребман, Вилијам Тејлор, Хари Бинс, Едвард Стир, Франсис Хоџсон и Артур Маден.

Значајно во некои од овие први преводи е тоа што Божјето име било вклучено не само на неколку места туку насекаде во Хебрејските списи! Оние што преведувале во Занзибар го превеле Божјето име како „Јахуа“, додека преведувачите во Момбаса го превеле како „Јехова“.

Во 1895 год., на јазикот свахили била преведена целата Библија. Следните децении биле направени уште неколку преводи, иако некои од нив не доживеале голем тираж. Во почетокот на 20 век биле вложени големи напори да се стандардизира јазикот свахили во Источна Африка. Во 1952 год., бил издаден библискиот превод Swahili Union Version, кој достигнал најголем тираж. Исто така, тој придонел името „Јехова“ да стане најприфатен облик на Божјето име на јазикот свахили.

За жал, кога престанале да се печатат тие рани преводи, почнало да исчезнува и Божјето име. Во некои од поновите преводи името е потполно отстрането, додека во други е оставено само на неколку места. На пример, во Union Version Божјето име се појавува само 15 пати, а во ревидираното издание од 2006 год., името се појавува само 11 пати. *

Иако во овој превод е речиси сосема испуштено Божјето име, тој има една значајна карактеристика. На една од воведните страници јасно е запишано дека Божјето име гласи Јехова. Тоа многу им помага на луѓето што ја бараат вистината да го дознаат личното име на нашиот небесен Татко бидејќи можат да го прочитаат во својот личен примерок на Библијата.

Но, ова не е крај на приказната. Во 1996 год., на јазикот свахили беше издаден Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи. Тоа е прв превод на свахили во кој името Јехова е вратено на сите 237 места од Матеј до Откровение. Потоа, во 2003 год., на јазикот свахили беше издадена целата Библија, Свето писмо — превод Нов свет. До денешен ден се отпечатени околу 900.000 Библии на свахили.

Божјето име повеќе не е скриено зад некои титули ниту, пак, во некоја забелешка со објаснување во воведот на некоја Библија. Денес, кога искрените луѓе ќе го отворат Преводот Нов свет на свахили, се чувствуваат поблиски со Јехова секогаш кога ќе го прочитаат неговото име, кое се појавува на повеќе од 7.000 места.

Освен тоа, вложени се напори во овој превод да се користи лесно разбирлив, современ свахили јазик кој им е познат на сите оние што зборуваат свахили во Источна Африка. Исто така, отстранети се многу грешки кои се вовлекле во другите преводи на Библијата. Како резултат на тоа, читателот може да биде уверен дека ги чита „точните зборови на вистината“ што ги вдахнал нашиот Творец, Јехова Бог (Проповедник 12:10).

Мнозина го изразија своето длабоко ценење за Преводот Нов свет на свахили. Висент, кој има 21 година и е полновремен проповедник на Јеховините сведоци, рече: „Многу сум радосен заради едноставниот свахили јазик што се користи во Преводот Нов свет и заради тоа што името Јехова е вратено на местата од каде што другите преведувачи го отстраниле“. Фрида, која има три деца, смета дека со овој превод може полесно да им ги објасни библиските вистини на другите луѓе.

Од своите скромни почетоци, задачата да се преведе Божјата Реч на јазикот свахили траеше преку 150 години. Исус рекол дека тој ‚им го објавил на луѓето‘ името на својот Татко (Јован 17:6). Сега, со помош на Преводот Нов свет, повеќе од 76.000 Јеховини сведоци кои зборуваат свахили во Средна и Источна Африка, се радуваат што можат да им го објават името Јехова на другите луѓе.

^ пас. 3 Во овие земји се зборуваат различни дијалекти на јазикот свахили.