Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Маките на жените

Маките на жените

„Кога гледам како се постапува со жените, воопшто не сакам да станам жена“ (ЗАХРА, 15 ГОДИНИ, цитирана во француското издание на списанието GEO)

ЗБОРОВИТЕ на ова девојче, запишани оддесно, откриваат една сурова вистина — низ целиот свет, насилството и дискриминацијата оставаат трајни лузни врз животот на многу девојки и жени. Да наведеме неколку факти.

  • Полова дискриминација. Во Азија, повеќето родители сакаат да имаат машки наместо женски деца. Според еден извештај на ОН од 2011 год., проценето е дека во населението од тој дел од светот има речиси 134 милиони жени помалку како последица од абортус, чедоубиство и негрижа.

  • Образование. Во целиот свет, две третини од лицата што имаат помалку од четири години образование се жени и девојчиња.

  • Сексуално малтретирање. Над 2,6 милијарди жени живеат во земји во кои силувањето од страна на сопружникот сѐ уште не се смета за кривично дело.

  • Здравје. Во земјите во развој, отприлика на секои две минути умира по една жена од компликации во бременоста или при породувањето поради недостиг на основна медицинска нега.

  • Право на имот. Иако повеќе од половина од земјоделските култури во светот ги произведуваат жени, во многу држави тие немаат законско право да поседуваат имот или да наследат земја.

Зошто жените се лишени од овие основни права? Во некои култури се следат религиозни верувања и обичаи што го поттикнуваат, па дури и го оправдуваат малтретирањето на жените и насилството врз нив. Во еден француски весник е цитирана индиската адвокатка Чандра Рами Чопра, која рекла: „Сите верски закони имаат нешто заедничко — ја оправдуваат дискриминацијата над жените“.

Дали и ти го мислиш истото? Дали, според тебе, Библијата ги потценува жените, како што е случај со многу други верски книги? На некои им се чини дека одредени библиски стихови оставаат таков впечаток. Но, какво гледиште за жените има Богот за кој пишува во Библијата? Иако ова можеби е чувствително прашање, одговорот ќе го најдеме само ако непристрасно и внимателно го разгледаме она што е запишано во Библијата.