Приближи му се на Бог
„Народите ќе знаат дека јас сум Јехова“
КАКО ќе се чувствуваш ако те обвинат за злосторство што не си го извршил? И што ако со тоа злосторство им се нанесени големи страдања на другите, вклучувајќи и многу недолжни луѓе? Секако дека ќе сакаш да го исчистиш своето име од тоа обвинение! Дали си знаел дека и Јехова доживува нешто слично? Денес мнозина неосновано го обвинуваат Бог за неправдите и страдањата во светот. Дали Јехова сака да го исчисти своето име од секаков прекор? Да, сака! Да видиме што е запишано во библиската книга Езекиел. (Прочитај Езекиел 39:7.)
„Повеќе нема да дозволам да се осквернува моето свето име“, рекол Јехова. Кога луѓето го обвинуваат за неправдите, тие го валкаат неговото име. На кој начин? Во Библијата, зборот „име“ честопати укажува на каков глас е некој. Во едно дело стои дека Божјето име се однесува на „она што го знаеме за него — она што го открил за себе; ја означува неговата слава и неговата чест“. Јеховиното име го вклучува и неговиот углед. Што знаеме за Јехова кога станува збор за неправдите? Тој ги мрази неправдите! Исто така, сочувствителен е кон жртвите на неправда * (2. Мојсеева 22:22-24). Кога луѓето тврдат дека Бог е виновен токму за она што го мрази, му го уништуваат угледот. Со тоа ‚покажуваат презир кон неговото име‘ (Псалм 74:10).
Забележи дека Јехова двапати го користи изразот „моето свето име“ (стих 7). Во Библијата, Јеховиното име многу често е поврзано со изразите „свет“ и „светост“. Зборот „свет“ ја пренесува мислата на одвоеност; исто така означува чистота и неизвалканост. Јеховиното име е свето затоа што Богот кој го носи е свет — сосема одвоен од сѐ што е грешно и нечисто. Сфаќаш ли сега зошто оние што го обвинуваат Јехова за злобните работи фрлаат најголем можен прекор врз неговото „свето име“?
Јеховината намера да го исчисти своето име преку Царството е главна тема на Библијата. Таа тема е истакната во книгата Езекиел, во која честопати пишува: „Народите ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езекиел 36:23; 37:28; 38:23; 39:7). Забележи дека на народите нема да им биде даден избор дали сакаат да знаат кој е Јехова или не. Наместо тоа, тие „ќе знаат“. Со други зборови, Јехова има намера да направи нешто што ќе ги натера сите народи на Земјата да сфатат дека тој е оној што вели дека е — Јехова, Севишниот Господар чие име означува сѐ што е свето, чисто и неизвалкано.
Често повторуваното ветување: „Народите ќе знаат дека јас сум Јехова“, е добра вест за оние што копнеат да го дочекаат крајот на неправдите и страдањата. Наскоро, Јехова ќе го исполни ова ветување и ќе го исчисти своето име од сиот прекор. Ќе ја отстрани злобата и оние што ја предизвикуваат, а ќе ги зачува во живот оние што го признаваат и го почитуваат неговото име и сѐ што значи тоа (Изреки 18:10). Дали имаш желба да се зближиш со Јехова, светиот Бог, кој „ја сака правдата“? (Псалм 37:9-11, 28).
Читање на Библијата во септември:
^ пас. 2 Види ја статијата „Приближи му се на Бог — тој ја сака правдата“ во Стражарска кула од 1 ноември 2008 год.