Зошто сѐ уште има корупција?
„Човек владее над човек на негова штета“ (ПРОПОВЕДНИК 8:9)
ОВИЕ зборови добро ја опишуваат историјата на човечкото владеење. Тоа довело до неискажливо страдање и беда. Во секое доба, добронамерните луѓе што се обидувале да воспостават праведно општество постојано биле спречувани од алчноста и корупцијата. Зошто е така? Зошто сѐ уште има корупција? Во основа, заради следниве три лоши влијанија.
1. Влијанието на гревот
Библијата јасно кажува дека сите сме „под грев“ (Римјаните 3:9). Како некоја неизлечлива наследна болест, гревот „живее“ во нас. Илјадници години гревот ‚царува‘ над човештвото. Неговиот „закон“ постојано дејствува во нас. Грешните склоности навеле мнозина да ги стават на прво место своите лични интереси, односно најважно во животот да им биде да стекнат материјални работи или власт на сметка на другите (Римјаните 5:21; 7:17, 20, 23, 25).
2. Влијанието на злобниот свет во кој живееме
Во светот во кој живееме насекаде се раширени алчноста и себичноста. Во една таква средина, на некои луѓе им е тешко да бидат поинакви. Водени од себични амбиции, тие стануваат жедни за власт. Исто така, нивното око станува ненаситно за пари и имот — сакаат повеќе отколку што им треба. За жал, спремни се да бидат нечесни за да ги постигнат тие цели. Наместо да се борат против овие лоши влијанија, таквите луѓе ‚се поведуваат по мнозинството за да прават зло‘ (2. Мојсеева 23:2).
3. Влијанието на Сатана Ѓаволот
Сатана е бунтовно духовно суштество што „го заведува целиот свет“ (Откровение 12:9). Тој ужива да манипулира со луѓето. Може вешто да ја искористи природната желба на човекот да има материјални удобности и финансиска благосостојба за да го наведе да постапува нечесно.
Дали тоа значи дека сме обични марионетки во рацете на Сатана — дека мораме да се движиме како што тој ги мрда конците? Одговорот ќе го дознаеме во следната статија.