Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можно ли е да се биде чесен во еден корумпиран свет?

Можно ли е да се биде чесен во еден корумпиран свет?

„Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (ЕВРЕИТЕ 13:18)

ИАКО нашата грешна природа, светот во кој живееме и Ѓаволот вршат голем притисок врз нас, ние можеме да се спротивставиме на нивното влијание! Како? На тој начин што ќе се зближиме со Бог и ќе ги применуваме проверените начела од неговата Реч, Библијата. Да спомнеме два примера.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“ (Римјаните 12:2).

Животно искуство: Гиљермо е успешен бизнисмен од Бразил. Тој признава дека не е лесно да се биде чесен. „Еден бизнисмен може лесно да почне да постапува нечесно, можеби заради притисокот да ги оствари целите на фирмата или за да опстане во борбата со конкуренцијата“, вели тој. „За многу луѓе е најнормално да даваат или да земаат мито. Кога почнуваш нов бизнис и си изложен на голем финансиски ризик, предизвик е да останеш чесен.“

Сепак, Гиљермо успешно се спротивставува на притисокот да биде нечесен. Тој вели: „Дури и во светот на бизнисот, во кој не се бираат средства за да се успее, можно е да бидеш чесен. Но, мора да имаш цврсти морални убедувања. Библијата ми помогна да увидам колку е добро да се биде чесен. Оној што е чесен има чиста совест, внатрешен мир и самопочит. Таквиот може да има позитивно влијание врз другите“.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст. Зашто, љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (1. Тимотеј 6:9, 10).

Животно искуство: Андреј е сопственик на една фирма за вградување сигурносни системи. Меѓу неговите клиенти е и еден голем фудбалски клуб. Еднаш, по еден важен натпревар, Андреј отишол во администрацијата за да ги наплати услугите што ги извршил. Финансовото одделение сѐ уште било зафатено со броење на парите од продадените билети. Бидејќи веќе било доцна, шефот набрзина им плаќал на доставувачите, меѓу кои бил и Андреј.

„Додека си одев дома, забележав дека шефот ми дал повеќе пари“, раскажува Андреј. „Знаев дека веројатно никогаш нема да дознае на кого му ги дал тие пари. Но, знаев и дека ќе мора од свој џеб да ги даде парите што ќе му фалат во касата! Затоа одлучив да се вратам. Успеав да се пробијам меѓу навивачите за да го вратам вишокот. Шефот беше многу изненаден. Никој никогаш не му вратил пари што ги дал по грешка.“

„Со таа чесна постапка ја придобив неговата доверба“, раскажува понатаму Андреј. „Поминаа неколку години, но од сите првобитни доставувачи, само јас сѐ уште имам договор со тој клуб. Мило ми е што со примена на високите библиски морални начела си стекнав добро име.“

Охрабрувачки е да се знае дека можеме, со Божја помош, да се спротивставиме на лошите влијанија што водат до корупција. Меѓутоа, трудот на поединци никогаш нема да ја искорени корупцијата. Причините за неа се многу подлабоки за да можат несовршените луѓе да ги отстранат сами. Но, дали тоа значи дека на корупцијата никогаш нема да ѝ дојде крај? Во следната статија ќе видиме кој охрабрувачки одговор го дава Библијата.