Моќта на Божјата Реч во едно хиндуистичко семејство
НИКОГАШ нема да го заборавам тој понеделник. Беше 22 август 2005 год., а јас и многу од моите блиски роднини бевме собрани за појадок. Животот ми висеше на конец бидејќи имав голем тумор во мозокот. Мојот сопруг, Кришна, се помоли, а потоа јас му се обратив на целото семејство.
„Ќе одам во болница за една ризична операција“, им објаснив, „и затоа мора да бидете спремни на сѐ. Направив подготовки за мојот погреб, ако дојде до такво нешто. Оние од вас што му служат на Јехова ги молам да не се откажуваат. Другите ги молам да почнат да ја проучуваат Библијата и да одат на нашите христијански состаноци. Така и вие ќе стекнете вера дека во новиот свет оние што искрено му служат на Бог ќе живеат вечно во рај на Земјата и ќе имаат совршено здравје.“
Пред да ви објаснам како заврши операцијата, дозволете ми да ви раскажам нешто повеќе за мене и за тоа како го запознав вистинскиот Бог.
Пораснав како хиндус
Моето семејство живееше во една голема куќа направена од дрво и железо, сместена на едно ритче во крајбрежниот град Дурбан во Јужноафриканската Република. За да стигнеме до влезната врата на нашата куќа моравме да се искачуваме по 125 скалила кои почнуваа од главниот пат во долината. Тие скалила водеа до една куса патека со грмушки, по која доаѓавме до една железна капија. На едната страна од капијата се наоѓаше храмот на баба ми, кој беше полн со слики и кипови на хиндуистички богови. Баба ми велеше дека јас сум била „дете на храмот“ (на јазикот хинди мандир ки бача) и дека сум се родила благодарение на боговите што ги обожававме. Спроти овој храм имаше црвени скалила, кои водеа до влезната врата. Куќата беше многу голема, со долг ходник, голема кујна и печка на јаглен, седум спални соби и уште една доградена соба. Во оваа куќа живеевме 27 души, вклучувајќи ги моите баба и дедо, татко ми, неговите три помлади браќа, неговата најмлада сестра и нивните фамилии.
Не беше лесно да се задоволат потребите на една толку голема фамилија. Но, тоа што живеевме заедно нѐ одржуваше обединети како семејство и ни остави многу убави сеќавања. Четирите снаи, вклучувајќи ја и мајка ми, Гарги Деви, ги извршуваа сите домашни работи. Се менуваа во чистењето и готвењето. Дедо ми беше глава на куќата и купуваше храна за сите. Секоја среда тој и баба ми одеа заедно на пазар за да купат месо, овошје и зеленчук за цела седмица. Додека ги чекавме да се вратат од пазар, имавме обичај да седиме под сенката на еден бор на работ на височинката од која се гледаше долината. Штом ќе ги здогледавме како се симнуваат од автобусот натоварени со големи кошници, ќе се стрчавме по 125-те скалила за да им помогнеме.
Во нашата градина имаше висока палма на која едни птички имаа направено гнездо. Ги гледавме како излетуваат и долетуваат и ги слушавме како чрчорат. Баба ми ќе седнеше на скалите пред влезната врата и ќе ни раскажуваше приказни како
да ги толкува звуците што ги испуштаа птичките. Имам многу убави спомени од животот во таа куќа! Се смеевме, плачевме, си игравме, делевме — уживавме додека живеевме заедно како едно големо семејство. Што е најважно од сѐ, таму почнавме да учиме за нашиот Творец, Јехова, и за неговиот Син, Исус Христос.Пред да дознаеме нешто за Јехова ѝ припаѓавме на хиндуистичката религија, која вклучуваше многу секојдневни ритуали. Исто така, редовно имавме големи слави на кои каневме гости за да им оддадеме чест на разни богови и божици. Понекогаш во тие пригоди баба ми паѓаше во транс и зборуваше со духовите, а точно на полноќ принесувавме животински жртви за да ги смириме тие духови. Дедо ми беше познат во околината по своите великодушни прилози за изградбата и работата на јавните школи и на хиндуистичките храмови.
Како ја дознавме вистината за Јехова
Во 1972 год., дедо ми се разболе и умре. По неколку месеци, една од моите стрини, Индервати, која ја викавме Џејн, ги зела списанијата Стражарска кула и Разбудете се! од две жени што биле Јеховини сведоци. Се чувствуваше виновна што не ги поканила дома за да разговараат. Секогаш ги одбивавме Сведоците. Но, кога дојдоа повторно, стрина ми ги покани внатре и им кажа за својот брачен проблем со чичко ми, кој многу пиеше. Соседите и роднините ѝ велеа да се разведе. Но, Сведоците ѝ објаснија како Бог гледа на бракот (Матеј 19:6). Стрина ми беше одушевена од библиските совети и од ветувањето дека еден ден луѓето ќе имаат подобар живот овде на Земјата. * Таа реши да не се разведе од чичко ми и почна редовно да ја проучува Библијата со Сведоците. Додека проучуваше во салонот на нашата куќа, другите снаи слушаа од своите соби.
Со текот на времето, сите снаи почнаа да ја проучуваат Библијата. Стрина Џејн им кажуваше на другите за она што го учеше и честопати ни читаше и ни раскажуваше приказни од книгата Да се слуша Големиот Учител. * Кога моите чичковци дознаа дека нивните жени ја проучуваат Библијата, почнаа да ни се противат. Еден од нив ја зеде сета наша литература, вклучувајќи и една Библија, и ја запали. Тие нѐ навредуваа и нѐ тепаа затоа што одевме на христијанските состаноци. Татко ми беше единствениот што немаше таков став и никогаш не се лутеше што учиме за Јехова. Сите четири снаи редовно одеа на состаноците и нивната љубов кон Јехова Бог сѐ повеќе растеше.
Во 1974 год., стрина ми Џејн се крсти како Јеховин сведок, а кратко потоа се крстија и мајка ми и другите стрини. По некое време и баба ми престана да ги држи хиндуистичките обичаи. Многу години и јас одев на сите христијански состаноци. На еден голем конгрес на Јеховините сведоци, Шамела Рамперсад, која беше Јеховин сведок, ме праша: „Кога планираш да
се крстиш?“ Јас ѝ одговорив: „Не можам, затоа што никогаш не сум ја проучувала Библијата со некого“. Таа се понуди да проучува со мене. На следниот голем конгрес, на 16 декември 1977 год., се крстив. Со текот на времето, од 27 члена на моето семејство што живееја заедно, 18 се крстија. Но, кога требаше да одам на операција, татко ми, Сони Дева, сѐ уште беше хиндус.„Не бидете загрижени за ништо“
Многу ми помогнаа зборовите од Филипјаните 4:6, 7, особено кога се откри дека имам голем тумор во мозокот. Таму пишува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“. Тешко е да не бидеш загрижен, особено кога ќе ти кажат дека во секој момент можеш да умреш. Отпрвин само плачев, а потоа му се молев на Јехова. Оттогаш го чувствував „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“.
Јехова Бог како да ме фати за десната рака. Навистина чувствував дека ме води цело време (Исаија 41:13). Тој ми помогна смело да им објаснам на лекарите дека сум цврсто решена да ја послушам библиската заповед да не примам крв (Дела 15:28, 29). Така, хирургот и еден анестезиолог се согласија да ме оперираат без трансфузија. На крајот, хирургот ни кажа дека операцијата била успешна и дека го отстраниле целиот тумор. Исто така, рече дека никогаш претходно немал видено некој пациент да закрепне толку бргу по една таква тешка операција на мозокот.
По три недели можев да ја проучувам Библијата со едно лице, иако лежев в кревет. На крајот од седмата недела повторно почнав да возам автомобил, да одам во служба на проповедање и да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци. Многу сум им благодарна на моите христијански браќа и сестри што ми помагаа додека одевме во служба на проповедање. Тие никогаш не ме оставаа сама и секогаш се грижеа безбедно да се вратам дома. Мислам дека за моето брзо закрепнување придонесе и тоа што слушав аудиоснимки на Библијата и останав сосредоточена на духовните аспекти од мојот живот.
Исто така, бев среќна кога дознав дека по мојата операција и татко ми се согласил да ја проучува Библијата. Тој се крсти на возраст од 73 години и сега ревносно му служи на Јехова. Денес, повеќе од 40 членови на моето потесно и пошироко семејство му служат на Јехова. Иако видното поле на левото око ми е оштетено и мојот череп го држи метал, едвај чекам да дојде времето кога Јехова ќе направи „сѐ ново“ во претстојниот рај на Земјата (Откровение 21:3-5).
Радосна сум што имам прекрасен сопруг, кој служи како христијански надгледник, и прекрасна ќерка, Клериста, која ми помага додека и понатаму голем дел од времето поминувам во проповедање. Јехова богато ја благословува мојата служба. Досега им помогнав на мнозина со кои ја проучував Библијата да видат колку убаво влијание има Божјата Реч врз нивниот живот. Повеќе од 30 од нив му го заветуваа животот на Јехова и се крстија.
Со срце исполнето со надеж, едвај чекам да дојде времето кога Јехова Бог ќе нѐ избави од овој свет полн со болки и ќе ни овозможи да живееме во рај на Земјата.
^ пас. 12 Нешто повеќе за Божјата намера со Земјата можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
^ пас. 13 Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.