Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животот во библиски времиња — работата на еден пастир

Животот во библиски времиња — работата на еден пастир

„Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“ (ИСАИЈА 40:11)

ПАСТИРИТЕ често се спомнуваат во Библијата, почнувајќи од 1. Мојсеева па сѐ до последната книга, Откровение (1. Мојсеева 4:2; Откровение 12:5). Значајни луѓе, како Авраам, Мојсеј и цар Давид, биле пастири. Псалмистот Давид многу убаво опишал какви одговорности и грижи има еден добар пастир. А во еден псалм што го напишал Асаф, Давид се спомнува како пастир на Божјиот народ од старо време (Псалм 78:70-72).

Подоцна, во времето на Исус, пастирењето и понатаму било важен занает. Исус за себе рекол дека е „добриот пастир“ и често ги спомнувал особините на еден пастир за да даде важни поуки (Јован 10:2-4, 11). Дури и Семоќниот Бог, Јехова, е спореден со „Пастир“ (Исаија 40:10, 11; Псалм 23:1-4).

За кои животни се грижел еден пастир? Што вклучувала неговата работа? И што можеме да научиме од вредните пастири?

Овци и кози

Пастирите во древниот Израел веројатно чувале и каракулска овца, која припаѓала на една сириска раса овци со големи опашки и дебело руно. Овните од овој сој имаат рогови, а овците не. Овие кротки животни лесно можат да бидат водени и целосно се во милост и немилост на околината и грабливците.

Пастирите чувале и кози. Козите обично биле црни или кафеави. Нивните долги, клемпави уши лесно можеле да се распараат од грмушките и трњето додека се пентареле по карпестите падини и брстеле од грмушките.

Пастирот постојано морал да ги учи овците и козите да ги слушаат неговите упатства. И покрај тоа, добрите пастири нежно се грижеле за животните што ги паселе, па дури и им давале имиња со кои ги повикувале (Јован 10:14, 16).

Пастирот и годишните времиња

На пролет, пастирот секој ден го изведувал стадото од трлото крај неговиот дом за да пасе на зелените, сочни пасишта во близина на селото. Во ова годишно време бројот на овците во стадото се зголемувал затоа што се раѓале нови јагниња и јариња. Исто така, во тој период овчарите го стрижеле зимското руно од овците, настан што весело се прославувал.

Ако некој селанец имал само неколку овци, најмувал овчар кој го придодавал тоа мало стадо кон друго стадо. Најмените овчари ги биел глас дека не покажуваат голема грижа за туѓите овци (Јован 10:12, 13).

Откако полињата во близина на селото ќе биле ожнеани, пастирот ги пуштал своите овци да пасат од новите фиданки и од зрната што останале меѓу стрништето. Кога ќе почнела летната жега, пастирите ги преместувале стадата на пасишта на повисоките места, кадешто било постудено. Со денови овчарите работеле и спиеле под ведро небо. Тие го оставале стадото да пасе на стрмните зелени падини, а ноќите ги минувале чувајќи ги трлата, кои биле на отворено. Понекогаш, во текот на ноќта, овчарот го засолнувал стадото во пештера, кадешто било заштитено од шакали и хиени. Ако завивањето на некоја хиена ги уплашело овците во мракот, смирениот глас на пастирот го успокојувал стадото.

Секоја вечер пастирот ги пребројувал овците и проверувал дали е сѐ во ред со нив. Наутро ги повикувал, и стадото одело по него до пасиштето (Јован 10:3, 4). Напладне, пастирите ги воделе овците на студени извори на вода за да ги напојат. Кога изворите ќе пресушеле, пастирот ги водел на бунар и им црпел вода.

Кон крајот на сушната сезона, пастирот го носел стадото на крајбрежните рамнини и долини. Кога ќе почнеле да паѓаат студените дождови, го враќал стадото дома за да ја помине зимата во бачило. Во спротивно, овците би можеле да изумрат надвор поради силните дождови, градот и снегот. Од ноември па сѐ до пролетта, пастирите не ги изнесувале овците на пасење.

Опремата на пастирот

Облеката на пастирот била едноставна, но издржлива. За да се заштити од дождот и од студениот ноќен воздух, носел наметка од овча кожа со крзното превртено навнатре. Одоздола носел туника. На нозете носел сандали кои го штителе од острите карпи и од трњето, а главата ја завиткувал во парче волнена ткаенина.

Во опремата на еден пастир обично спаѓало следново: мала кожна торба во која носел нешто за јадење, на пример леб, маслинки, суво овошје и сирење, дрвена палка што служела како оружје, која обично била долга еден метар и на задебелениот крај имала остра плочка, нож, стап на кој пастирот се потпирал додека одел и се искачувал, матарка за вода, кожно ведро што се склопувало за да црпи вода од длабоките бунари, праќа со која фрлал камења за овцата или козата што заталкала да се врати во стадото или, пак, за да ги избрка дивите животни и кавал од трска на кој свирел за да се разоноди или за да го смири стадото.

Поради тоа што добро се грижел за овците и козите, пастирот добивал од нив продукти неопходни за живот — како на пример, млеко и месо. Волната и кожата се користеле како средство за размена и за изработка на облека и мешини. Од влакното на козите се правело платно. И овците и козите се принесувале како жртви.

Пример на кој треба да се угледаме

Добрите пастири биле трудољубиви, доверливи и храбри. Тие дури и си го ризикувале животот за да го заштитат стадото (1. Самоилова 17:34-36).

Затоа, не е ништо чудно што Исус и неговите ученици ги споредиле христијанските надгледници со пастири (Јован 21:15-17; Дела 20:28). Исто како добрите пастири од библиско време, надгледниците во собранието денес се трудат ‚да го пасат Божјето стадо кое им е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо‘ (1. Петрово 5:2).