Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приближи му се на Бог

Што бара Јехова од тебе?

Што бара Јехова од тебе?

ШТО очекува Јехова од оние што сакаат да му служат на исправен начин? Дали бара совршенство, со што би направил да е невозможно за нас, како несовршени луѓе, да му угодиме? Или го бара само она што е во рамките на нашите можности? Одговорот на овие прашања е многу важен ако сакаме да бидеме радосни додека му служиме на Бог. Да ги разгледаме зборовите со кои пророкот Михеј накратко опишал што бара Бог од нас. (Прочитај Михеј 6:8.)

„Ти кажа... што е добро.“ Не мора да нагаѓаме што очекува Бог од нас. Тој ни кажал, јасно изнесувајќи ги своите барања во Библијата. Она што Бог го бара од нас „е добро“. Поинаку и не може да биде. „Бог е љубов“, што значи дека ни го мисли само најдоброто (1. Јованово 4:8; 5:3). Ако го правиме она што го бара од нас, не само што ќе го израдуваме туку тоа ќе биде и за наше добро. (5. Мојсеева 10:12, 13).

„Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто?“ Дали Бог има право да бара нешто од нас? Се разбира дека има! Должни сме да го слушаме затоа што тој е изворот на животот и тој нѐ одржува во живот (Псалм 36:9). Тогаш, што бара Бог од нас? Михеј накратко ги изложува Божјите барања во три фрази. Во првите две станува збор за нашите постапки со другите луѓе, а во третата се работи за нашиот однос со Бог.

„Да постапуваш праведно.“ Според еден речник, хебрејскиот збор за „праведно“ што се користи во овој стих „вклучува да се постапува исправно и чесно во меѓучовечките односи“. Бог бара од нас да се однесуваме со другите онака како што е исправно според неговите мерила. Постапуваме праведно ако сме непристрасни, фер и чесни (3. Мојсеева 19:15; Исаија 1:17; Евреите 13:18). Ако сме праведни, другите може да бидат поттикнати да ни возвратат со тоа што и тие ќе бидат праведни кон нас (Матеј 7:12).

„Да ја сакаш добротата.“ Бог очекува не само да покажуваме доброта туку и да ја сакаме добротата. Хебрејскиот збор што е преведен со „доброта“ (кесед) може да се преведе и како „лојална љубов“. Еден библиски изучувач вели: „Значењето на овој израз не може да се долови само со еден збор, како, на пример, љубов, милост или добрина, затоа што изразот [кесед] ги опфаќа сите нив заедно“. Ако ја сакаме добротата, од срце ќе ја покажуваме и ќе ни биде задоволство да им помагаме на оние кои имаат потреба. Таквото постапување носи посебно чувство на радост (Дела 20:35).

„Скромно да одиш со [Бог].“ Во Библијата, изразот „да одиш“ значи „да следиш одреден начин на постапување“. Одиме со Бог така што го следиме животниот пат кој е изнесен во Библијата. Но, при тоа мора да бидеме скромни. Зошто? Кога сме скромни пред Бог, реално согледуваме во каква положба сме пред него и свесни сме за своите ограничувања. Според тоа, ‚скромно да одиме со Бог‘ значи да имаме реално гледиште за она што го бара тој од нас и за она што може да го направиме.

Среќни сме што Јехова никогаш не бара повеќе отколку што можеме да направиме. Тој е задоволен кога гледа дека даваме сѐ од себе за да го правиме она што нѐ советува (Колошаните 3:23). Јехова ги знае нашите ограничувања (Псалм 103:14). Ако и ние скромно научиме да ги прифаќаме своите ограничувања, можеме радосно да одиме со Бог. Зошто не научиш нешто повеќе за тоа како можеш да одиш со Бог? Тоа ќе ти донесе многу благослови од него (Изреки 10:22).

Читање на Библијата во ноември:

Јоил 1-3 Михеј 1-7