Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приближи му се на Бог

Дали си во Божјата „книга на сеќавањето“?

Дали си во Божјата „книга на сеќавањето“?

ДАЛИ Јехова ги забележува своите слуги додека даваат сѐ од себе за да го израдуваат? Да! Но, тој не ги гледа само нивните добри дела и зборови со кои му носат фалба туку забележува дури и кога тие размислуваат со ценење за него. Освен тоа, Јехова никогаш нема да ги заборави своите слуги и она што тие го направиле. Зошто можеме да бидеме сигурни во ова? Одговорот ќе го најдеме во зборовите што ги запишал пророкот Малахија. (Прочитај Малахија 3:16.)

Во петтиот век пр.н.е., кога пророкувал Малахија, состојбата во поглед на моралот и религијата во Израел била многу лоша. Свештениците ги запоставувале своите должности, а народот почнал да прави работи со кои го срамел Бог, како што биле гатањето, прељубата и измамата (Малахија 2:8; 3:5). Меѓутоа, и во една таква расипана средина, имало група Израелци што останале верни. Што правеле тие?

„Оние што се бојат од Јехова разговараа еден со друг“, рекол Малахија. Стравот од Бог е позитивно чувство. Овде Малахија зборувал за Израелците што имале длабока почит кон Бог и се плашеле да не го разочараат. Забележи дека тие богобојазливи луѓе разговарале „еден со друг“. Очигледно се собирале за да зборуваат убаво за Јехова и да се охрабруваат за да не бидат потиштени и за да не се извалкаат од расипаноста околу нив.

Верните Израелци покажале страхопочит кон Јехова и на уште еден важен начин: Тие ‚размислувале за неговото име‘. Еден друг превод вели дека „имале ценење за Неговото име“. Овие богобојазливи Израелци го почитувале Јехова дури и во своите мисли. Длабоко во срцето, со ценење размислувале за Јехова и за неговото славно име. Дали Јехова го знаел тоа?

Малахија напишал: „Јехова внимаваше и слушаше“. Од своето возвишено живеалиште на небото, Јехова со внимание го слушал секој убав збор што си го кажувале неговите слуги. Исто така, обрнувал внимание и на сите нивни мисли и чувства (Псалм 94:11). Јехова ги забележал нивните добри зборови и мисли, но тоа не било сѐ.

„Пред него почна да се пишува книга на сеќавањето“, рекол Малахија. Во таа книга се запишани сите оние што верно му служат на Јехова. Забележи дека е наречена „книга на сеќавањето“. * Тоа ни покажува дека Јехова никогаш нема да ги заборави своите верни слуги и сѐ што направиле тие за да го фалат — секое нивно добро дело, збор и мисла. Но, Бог има причина да се сеќава на нив. Тој ветил дека ќе ги награди со вечен живот оние чии имиња се неизбришливо запишани во неговата книга на сеќавањето * (Псалм 37:29).

Колку е утешно да се знае дека Јехова го цени сето она што го правиме за да му служиме како што бара тој! Зборовите од Малахија 3:16 нѐ тераат сериозно да размислиме. Добро е да се запрашаме: ‚Дали моето име е во Божјата „книга на сеќавањето“?‘ Ќе биде запишано во неа ако даваме сѐ од себе секој ден да постапуваме, да зборуваме и да размислуваме на начин што Јехова ќе сака да го запомни.

Читање на Библијата во декември:

Наум 1-3 Малахија 1-4

^ пас. 6 Хебрејскиот збор преведен со „сеќавањето“ не значи само да не се заборави. Тој може да вклучува и да се преземе нешто во врска со она што е во сеќавањето.

^ пас. 6 Нешто повеќе за Божјето ветување за вечен живот можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.