Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се сеќаваме на Исус Христос

Да се сеќаваме на Исус Христос

„Правете го ова за мој спомен!“ (ЛУКА 22:19)

Зошто некои го слават Божиќ?

Некои луѓе велат дека со Божиќ му оддаваат чест на Исус. На тој ден го прославуваат неговото раѓање.

Каде лежи проблемот?

Популарните божиќни песни и многуте божиќни обичаи немаат скоро никаква врска со Исус Христос. Милиони луѓе што го слават овој празник не веруваат во учењата на Исус, а некои не веруваат дури ни дека постоел. Во светот на трговијата, Божиќ станал празник на кој се рекламираат производи наместо да биде прилика да се сеќаваме на Исус.

Кои библиски начела можат да ни помогнат?

‚Синот човечки дојде за да го даде својот живот како откупнина за мнозина‘ (Марко 10:45). Исус ги кажал зборовите цитирани на почетокот од оваа статија ноќта пред да умре, а не на својот роденден. Таа вечер вовел едноставен обред во знак на сеќавање на неговата смрт. Сепак, зошто Исус сакал неговите следбеници да се сеќаваат на неговата смрт, а не на неговото раѓање? Бидејќи тоа што Исус го дал својот живот како откуп им овозможува на послушните луѓе да добијат вечен живот. „Платата за гревот е смрт“, пишува во Библијата, „а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23). Затоа, секоја година на денот на смртта на Исус Христос, неговите следбеници се сеќаваат на него, но не како на беспомошно бебе, туку како на ‚спасител на светот‘ (Јован 4:42).

„Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). За да му оддадеш чест на Исус и да покажеш дека се сеќаваш на него, треба да дознаеш нешто повеќе за неговиот живот како совршен и мудар човек. Исто така, размислувај за начинот на кој покажувал сочувство, стрпливост и храброст да го прави она што е исправно и труди се да го следиш неговиот пример во својот живот.

„Царската власт над светот сега му припаѓа на нашиот Господар и на неговиот Христос, и тој ќе царува во сета вечност“ (Откровение 11:15). Кога размислуваш за Исус Христос, земи предвид што прави сега. Исус владее како небесен Цар. Во едно пророштво од Божјата Реч, во врска со Исус се вели: „По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Исаија 11:4). Овие убави особини ги има еден моќен Владетел, а не едно новороденче.