Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Конечно најдов вистинска слобода!

Конечно најдов вистинска слобода!

„Вас никој не ве бара“, со исмејување рече еден од затворските чувари. „Можете да си останете овде.“ Како дојде до тоа ние, едно вредно, мирољубиво руско семејство, да се најдеме в затвор во Северна Кореја во 1950 год., околу пет години по Втората светска војна?

СПОРЕД документите, родена сум во 1924 год. Во нив пишува дека моето родно место е селото Шмаковка, на крајниот исток на Русија, во близина на границата со Кина.

Еден ден, татко ми и моите постари браќа биле киднапирани од една група разбојници и мајка ми никогаш повторно не ги видела. Ѝ останала полна куќа деца кои едвај можела да ги прехрани. Еден сосед ѝ предложил да нѐ одведе во сиропиталиште на Руската православна црква и да рече дека мајка ни нѐ напуштила.

Мајка ми се согласила со тоа бидејќи инаку нејзините деца, вклучувајќи ме и мене, веројатно ќе умреле од глад. Сега, во моите средни 80-ти години, благодарна сум што мајка ми нѐ испратила во сиропиталиште. Веројатно тоа ни го спасило животот. Сепак, таа нејзина одлука сѐ уште ми причинува и болка.

Во 1941 год., се преселив во Кореја, каде што се омажив за еден љубезен Русин по име Иван. Нашата ќерка, Оља, се роди во Сеул (Кореја) во 1942 год. Коља се роди таму во 1945 год., а неговиот брат Жора во 1948 год. Маж ми работеше во нашата продавница, а јас бев шнајдерка. Бидејќи Сеул беше под јапонска окупација, нашите деца од мали научија јапонски, иако дома зборувавме руски јазик. До 1950 год. изгледаше дека Советите, Американците и Корејците во Сеул живеат во мир. Сите тие беа муштерии во нашата продавница.

Заробени од Севернокорејците

Како гром од ведро небо, сѐ се промени во 1950 год. Трупите на Северна Кореја го зазедоа Сеул. Бидејќи не можевме да избегаме, бевме заробени со други странски државјани. Цели три и пол години бевме преместувани од едно на друго место низ цела Северна Кореја заедно со британски, руски, американски и француски затвореници. Се сместувавме каде што ќе најдевме кров над глава и се обидувавме да ги избегнеме бомбите.

Понекогаш живеевме во куќи со греење и добивавме доволно храна. Меѓутоа, обично за јадење имавме само просо, а спиевме во студени и напуштени објекти. Мнозина од нашата група умреа од глад и негрижа. Јас бев очајна кога моите деца страдаа. Зимата стигна рано во Северна Кореја. Се сеќавам дека често останував крај огнот по цела ноќ, греејќи камења за да ги ставам под децата.

Кога времето се потстопли, некои селани од Кореја ни покажаа кои шумски растенија можат да се јадат и почнавме да собираме тревки, малини, бобинки и печурки. Беше очигледно дека селаните не чувствуваа омраза кон нас туку нѐ сожалуваа. Научив да ловам жаби за да го дополнам нашето бедно мени. Срцето ми се кинеше кога ги слушав моите деца како постојано ме молат да им дадам да јадат жаби.

Еден октомври добивме наредба да отидеме во Манпо. Ни рекоа дека за болните и за малите деца ќе има запрежни коли. Оља и татко ѝ беа испратени со групата што одеше пеш. Нејзините братчиња и јас со денови нестрпливо чекавме да пристигнат колите. Конечно, ги дочекавме.

Болните затвореници беа трупани на куп на запрежните коли како да беа стогови сено. Тоа беше ужасна глетка! Со малиот Жора на грбот, се обидов да го ставам Коља во аголот од една кола, но тој се расплака: „Мамо, мамо, сакам и јас да одам со тебе, те молам не ме оставај!“

Коља се влечкаше зад нас и со малото раче ми ја стегаше сукњата додека се обидуваше да држи чекор со нас. Многу затвореници беа застрелани во овој злогласен марш, кој траеше со денови. Јата чавки ги колваа труповите што остануваа зад нас. Конечно повторно се најдовме со маж ми и Оља. Се прегрнавме липајќи. Таа ноќ повторно останав будна и топлев камења крај огнот. Бев спокојна бидејќи ставав камења под сите мои деца.

Во 1953 год., во близина на 38-от напоредник што ги дели Северна и Јужна Кореја, животот ни стана малку полесен. Добивме чисти униформи, чевли, леб, па дури и слатки. Наскоро беа ослободени Британците, а потоа Французите. Но, ние не бевме државјани на ниту една земја. Заминаа и последните затвореници, а ние останавме сами. Плачевме и не можевме ни да јадеме од очај. Во тој момент корејскиот чувар ни ги кажа болните зборови што ви ги спомнав на почетокот.

Нов живот во САД

Се изненадивме кога по кратко време нѐ префрлија од другата страна на демилитаризираната зона, во Јужна Кореја. Откако американските воени службеници нѐ сослушаа, ни дозволија да имигрираме во Соединетите Држави. Со брод отпатувавме во Сан Франциско (Калифорнија), каде што ни помогна една добротворна организација. Подоцна се преселивме во Вирџинија, и таму некои познајници љубезно ни помогнаа да застанеме на свои нозе. На крајот отидовме во Мериленд, каде што започнавме нов живот.

За нас беа вистинско чудо некои едноставни работи, како што беше правосмукалката. Како имигранти во нова земја, работевме долго и напорно. Но, се разочарував кога ќе видев како оние што веќе се имаа добро снајдено ги искористуваа новодојдените. Кратко откако пристигнавме, запознавме еден руски православен свештеник кој ни рече: „Сега сте во благословена земја. Ако сакате да успеете, подалеку од свои луѓе!“ Тие зборови ме погодија и ме збунија. ‚Зар не треба да си помагаме?‘, си мислев.

Во 1970 год., еден човек по име Берни Бателмен, кој беше Јеховин сведок, дојде на нашата врата за да разговара за Библијата. Тој беше цврст и отворен човек, баш како што бевме и ние. Разговаравме со часови. Бидејќи пораснав во православно сиропиталиште, напамет ги знаев црковните учења. Но, никогаш не бев помислила дека еден ден ќе имам своја Библија! Берни ни донесе една и рече: „Оваа Библија е за вас, бидејќи ве сакам“. Исто така, нѐ запозна со Бен, Јеховин сведок од Белорусија кој зборуваше руски јазик.

Бен и жена му љубезно одговараа на моите прашања читајќи ми од Библијата. Сепак, јас сметав дека Сведоците ја имаа извртено Библијата. Особено се налутив кога во нивните публикации прочитав дека Марија имала и други деца освен Исус, додека црквата учеше поинаку.

Ѝ се јавив на една моја пријателка, која имаше полско потекло, и ја замолив да провери во својата Библија на полски јазик што пишува во Матеј 13:55, 56. Кога ми ги прочита тие библиски стихови бев шокирана, затоа што видов дека Исус навистина имал помлади браќа! Мојата пријателка ѝ се јави и на една познајничка што работеше во Конгресната библиотека на градот Вашингтон за да ги провери истите стихови во сите библиски преводи што ги имаше таму. Ми рече дека секаде го пишувало истото: Исус имал браќа и сестри!

Имав уште многу други прашања. Зошто умираат деца? Зошто има војни? Зошто луѓето не можат да се разберат меѓусебе дури и кога зборуваат ист јазик? Одговорите од Библијата ме воодушевија. Дознав дека Бог не ги предизвикува страдањата на луѓето. Бев пресреќна кога дознав и дека повторно ќе ги видам моите најмили што го изгубија животот во разни немири. Постепено, Јехова ми стана реален.

Еден ден стоев пред моите икони и го молев Бог да му помогне на син ми, кој штотуку се беше вратил од војната во Виетнам и минуваше низ тешка емоционална криза. Одеднаш, сфатив дека не треба да им се молам на иконите туку на живиот Бог, Јехова. Ги расклопив иконите и видов дека се само парче шарена хартија. Иако ги имав купено од црква, истата вечер ги фрлив.

Не ми беше лесно да ги прекинам врските со црквата со која пораснав. Но, она што го учеше Библијата го ценев повеќе од сѐ друго. По една година, со маж ми и ќерка ми отидовме кај еден свештеник на Руската православна црква. Со мене носев тефтерче испишано со библиски прашања, а под секое прашање имав запишано и стихови од Библијата. Додека ги читав стиховите на глас, свештеникот одвреме-навреме ќе ја затресеше главата и ќе изустеше: „Ви нема спас“. На крајот ни рече никогаш повторно да не му се појавиме пред очи.

Оваа случка ѝ остави силен впечаток на мојата решителна, љубопитна ќерка Оља. И таа почна да ја проучува Библијата и да доаѓа со мене на состаноците на Јеховините сведоци. Јас се крстив во 1972 год., а Оља една година подоцна.

Нашето семејно мото

Нашето мото беше: живеј во сегашноста, а не во минатото. Затоа, секогаш без колебање бевме спремни да направиме нов чекор во животот ако бевме уверени дека е исправен. Како што станувавме поблиски со Бог, јас и ќерка ми сѐ повеќе сакавме да одиме кај луѓето и да им кажуваме за она што го учевме. Мора да признаам дека поради мојата отвореност и несентименталност, понекогаш другите требаше да ми упаднат во збор и да ги ублажат работите што ги кажував. Но, со текот на времето, научив како да разговарам со луѓе од разни земји и култури кои, исто како мене, беа во потрага по подобар живот.

Во текот на следните години, со ќерка ми често велевме дека, ако се случи еден ден да падне Железната завеса, ќе одиме во Русија за да им помагаме на луѓето како нас да го запознаат Бог. Кога тоа навистина се случи во почетокот на 1990-тите, Оља го исполни нашиот сон. Отиде во Русија и 14 години во голема мера се посвети на тоа дело. Ја проучуваше Библијата со многу лица и помагаше во преведувањето на библиска литература од англиски на руски јазик во подружницата на Јеховините сведоци во Русија.

Сега сум врзана за кревет и моите деца прават сѐ што можат за да ми олеснат. Благодарна сум му на Бог што, по тешкото премреже, најдов подобар живот. Сфатив колку се вистинити зборовите што ги кажал пастирот Давид во еден псалм од Библијата: „[Бог] ме води на почивалишта обилни со вода. Ми ја крепи душата, ме води по праведни патеки заради името свое“ (Псалм 23:2, 3). *

^ пас. 29 Марија Килин почина на 1 март 2010 год., додека оваа животна приказна се подготвуваше за печатење.