Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ

„Ова... си им го открил на малите деца“

„Ова... си им го открил на малите деца“

Сакаш ли да ја дознаеш вистината за Бог — кој е тој, кои се неговите мерила и која е неговата волја? Во својата Реч, Библијата, Јехова Бог ја открива целата вистина за себе. Но, не секој што ја чита Библијата може потполно да ја сфати вистината. Зошто? Затоа што разбирањето на таквите духовни вистини е чест која не може да ја добие секој. Да видиме што рекол Исус во врска со тоа. (Прочитај Матеј 11:25.)

Овој стих почнува со зборовите: „Во тоа време Исус рече“. Она што Исус потоа го кажал веројатно било поврзано со некоја тогашна случка. Тој штотуку ги прекорил рамнодушните жители на три галилејски града во кои направил големи чуда (Матеј 11:20-24). Можеби се прашуваш: ‚Како е можно некој да ги види Исусовите чудесни дела и да не ги прифати вистините за кои поучувал тој?‘ Тие луѓе биле рамнодушни затоа што имале закоравени срца (Матеј 13:10-15).

Исус знаел дека, за да ги разбереме вистините од Библијата, потребни ни се две работи: помош од Бог и исправен став на срцето. Исус рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата, зашто ова си го скрил од мудрите и умните, а си им го открил на малите деца“. Сфаќаш ли сега зошто разбирањето на вистините од Библијата може да се смета за голема чест? Јехова, ‚Господарот на небото и на земјата‘, може да ја скрие или да ја открие вистината во зависност од тоа која е неговата волја. Но, Бог не бира своеволно кому ќе му ја даде таа чест. Врз која основа на некои им ја открива, а на други не им ја открива библиската вистина?

Јехова ги сака понизните, а не вообразените (Јаков 4:6). Тој ја крие вистината од „мудрите и умните“ — од оние кои во очите на светот се мудри и учени и кои во својата гордост и преголема самодоверба не сметаат дека им треба помош од него (1. Коринќаните 1:19-21). Но, тој им ја открива вистината на „малите деца“ — на оние што му се обраќаат со искрени срца и покажуваат детска понизност (Матеј 18:1-4; 1. Коринќаните 1:26-28). Божјиот Син, Исус, од прва рака видел луѓе што реагирале и на едниот и на другиот начин. Многу горди, високообразовани верски водачи не ја сфатиле Исусовата порака, но ја сфатиле понизни рибари (Матеј 4:18-22; 23:1-5; Дела 4:13). Во исто време, некои богати и образовани луѓе кои покажале вистинска понизност станале Исусови ученици (Лука 19:1, 2, 8; Дела 22:1-3).

Да се вратиме на прашањето што беше поставено на почетокот: Сакаш ли да ја дознаеш вистината за Бог? Ако да, може да те утеши мислата дека Бог не е наклонет кон оние што се сметаат себеси за мудри. Напротив, тој ги сака оние кои се презрени во очите на ваквите мудри луѓе. Ако ја проучуваш Божјата Реч со исправен став на мислите и срцето, можеш да бидеш меѓу оние на кои Јехова им дава еден скапоцен подарок — разбирање на вистината за него. Ако ја сфатиш таа вистина, твојот живот ќе има поголема смисла сега, а во иднина ќе можеш да го добиеш „вистинскиот живот“ — бескраен живот во новиот свет на праведност што Бог ветува дека наскоро ќе дојде a (1. Тимотеј 6:12, 19; 2. Петрово 3:13).

Читање на Библијата во јануари

Матеј 1-21

a На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да ја дознаеш вистината за Бог и за неговите намери. Тие можат бесплатно да ја проучуваат Библијата со тебе со помош на книгата Што навистина учи Библијата?