Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мојсеј — пример на љубов

Мојсеј — пример на љубов

ШТО Е ЉУБОВ?

Љубовта е чувство на длабока приврзаност кон другите. Оној што ги сака луѓето, со своите зборови и постапки покажува што чувствува кон оние што му се мили, па дури и по цена на лични жртви.

КАКО МОЈСЕЈ ПОКАЖАЛ ЉУБОВ?

Мојсеј покажал дека го сака Бог. Како? Да се потсетиме на зборовите запишани во 1. Јованово 5:3: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“. Мојсеј живеел според тоа начело. Тој направил сѐ што Бог побарал од него — од тешката задача да се соочи со моќниот фараон до навидум лесната задача да го пружи својот стап над Црвеното Море. Мојсеј правел сѐ што ќе му каже Бог — без разлика дали тоа било тешко или лесно. „Токму така направи“, пишува во Библијата (2. Мојсеева 40:16).

Мојсеј покажал дека ги сака и Израелците. Тие знаеле дека Јехова ги водел преку Мојсеј, па затоа оделе кај него за да му ги изнесат своите проблеми. Во Библијата пишува: „Народот стоеше пред Мојсеј од утро до мрак“ (2. Мојсеева 18:13-16). Замисли си колку бил истоштен Мојсеј откако со часови ги слушал Израелците додека му ги кажувале своите маки! Сепак, тој бил среќен што можел да им помага на луѓето што ги сакал.

Освен што ги сослушувал, Мојсеј и се молел за нив. Се молел дури и за оние што му згрешиле! На пример, кога неговата сестра, Маријам, зборувала против Мојсеј, Јехова ја разболел од лепра. Наместо да се радува што таа била казнета, Мојсеј веднаш се зазел за неа, молејќи се: „О Боже, те молам, излечи ја!“ (4. Мојсеева 12:13). Само љубовта можела да го мотивира да ја каже таа несебична молба.

ШТО УЧИМЕ ОД НЕГО?

И ние можеме да бидеме како Мојсеј ако имаме длабока љубов кон Бог. Таквата љубов нѐ мотивира да ги слушаме неговите заповеди „од срце“ (Римјаните 6:17). А послушноста од срце е она што најмногу го радува Јехова (Изреки 27:11). Исто така, за наше добро е да бидеме послушни. Кога му служиме на Бог затоа што искрено го сакаме, не само што го правиме она што е исправно туку и чувствуваме задоволство додека постапуваме така! (Псалм 100:2).

Друг начин на кој можеме да се угледаме на Мојсеј е да имаме самопожртвувана љубов кон другите. Кога нашите пријатели или членовите на семејството ќе ни ги искажат своите грижи, љубовта ќе нѐ мотивира 1) да им обрнеме целосно внимание, 2) да сочувствуваме со нив, односно да ја чувствуваме нивната болка во нашето срце, и 3) да им покажеме дека ни значат.

Како Мојсеј, и ние можеме да се молиме за оние што ги сакаме. Понекогаш можеби ќе ни биде тешко затоа што нема да можеме да им помогнеме кога ќе ни зборуваат за своите проблеми. Можеби дури и ќе речеме: „Многу ми е жал што не можам да направам ништо друго освен да се молам за тебе“. Но, не заборавај: „Сесрдната молитва на праведникот има голема сила“ (Јаков 5:16). Заради нашите молитви Јехова може да направи нешто за тоа лице што инаку не би го направил. И навистина, најдоброто што можеме да го направиме за оние што ги сакаме е да се молиме за нив. *

Сигурно ќе се согласиш дека можеме многу да научиме од Мојсеј. Иако бил обичен човек како нас, ни оставил одличен пример на вера, понизност и љубов. Колку повеќе го следиме неговиот пример, толку подобро ќе ни биде и нам и на другите (Римјаните 15:4).

^ пас. 8 За Бог да ги сослуша нашите молитви, мора искрено да се трудиме да ги исполниме неговите барања. Нешто повеќе можеш да прочиташ во 17. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.