Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мојсеј — пример на понизност

Мојсеј — пример на понизност

ШТО Е ПОНИЗНОСТ?

Понизниот човек не е горд или арогантен. Оној што е понизен не ги смета другите за пониски од себе. Секој несовршен човек кој е понизен треба да биде и скромен, односно свесен за своите ограничувања.

КАКО МОЈСЕЈ ПОКАЖАЛ ПОНИЗНОСТ?

Мојсеј не дозволил да се возгордее заради авторитетот што му бил даден. Честопати, кога човек ќе добие повисока положба, брзо излегува на виделина неговата понизност — или недостигот од неа. Во врска со тоа, еден автор од 19 век по име Роберт Ингерсол рекол: „Повеќето луѓе можат да поднесат непријателство. Но, за да дознаеш каков е некој човек вистински, дај му власт“. Во тој поглед Мојсеј оставил одличен пример на понизност. Како?

Мојсеј добил голем авторитет кога Јехова го поставил да ги води Израелците. Сепак, тој не се возгордеал заради тоа. На пример, размисли колку скромно решил еден тежок спор во врска со правото на наследство (4. Мојсеева 27:1-11). Се работело за сериозна одлука, која би се одразила не само на оние што биле вклучени туку и на идните генерации.

Како постапил Мојсеј? Дали сметал дека, како водач на Израел, тој бил оној што требало да донесе одлука во спорот? Дали се потпрел на своите способности, на годините искуство или на фактот дека добро знаел како размислува Јехова?

Можеби така би постапил еден горд човек. Но, не и Мојсеј. Библијата ни кажува: „Мојсеј го изнесе нивниот случај пред Јехова“ (4. Мојсеева 27:5). Замисли си! Дури и откако 40-ина години го водел израелскиот народ, Мојсеј не се потпирал на себе туку на Јехова. Оваа ситуација многу јасно покажува колку понизен бил Мојсеј.

Тој не ја чувал љубоморно само за себе положбата што ја имал. Се радувал кога Јехова дозволил и други Израелци да бидат пророци (4. Мојсеева 11:24-29). Кога неговиот тест му предложил да ја подели одговорноста со други, Мојсеј понизно го прифатил предлогот (2. Мојсеева 18:13-24). А некаде кон крајот на својот живот, иако сѐ уште бил физички силен, Мојсеј го молел Јехова да постави човек што ќе го замени. Кога Јехова го избрал Исус Навин за тоа, Мојсеј од сѐ срце го прифатил овој човек кој бил помлад од него, поттикнувајќи го народот да го следи водството на Исус Навин до Ветената земја (4. Мојсеева 27:15-18; 5. Мојсеева 31:3-6; 34:7). Се разбира, Мојсеј сметал дека е голема чест да им помага на Израелците да му служат на Јехова. Но, никогаш не ја злоупотребувал својата положба.

ШТО УЧИМЕ ОД НЕГО?

Никогаш не треба да дозволиме да се возгордееме заради положбата, авторитетот или природните дарби што ги имаме. Не заборавај: за да можеме да му служиме на Јехова, нашата понизност секогаш треба да биде поголема од нашите способности (1. Самоилова 15:17). Ако сме вистински понизни, ќе се трудиме да го примениме мудриот совет од Библијата: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“ (Изреки 3:5, 6).

Од примерот на Мојсеј учиме дека не треба да им придаваме преголема важност на нашата положба или авторитет.

Дали ќе биде добро да го следиме примерот на понизност што го оставил Мојсеј? Се разбира! Кога сме вистински понизни, им го олеснуваме животот на луѓето околу нас и им стануваме помили. Што е уште поважно, му стануваме мили и на Јехова Бог, кој и самиот ја покажува оваа прекрасна особина (Псалм 18:35). „Бог им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Петрово 5:5). Колку силна причина да се угледаме на понизноста на Мојсеј!