Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Библијата менува животи

Библијата менува животи
  • РОДЕН: 1957

  • ЗЕМЈА: МЕКСИКО

  • НЕКОГАШ: СТУДЕНТ ПО ТЕОЛОГИЈА

МОЕТО МИНАТО

Роден сум во гратчето Текскоко. Во тоа време повеќето улици беа неасфалтирани и правливи. Беше нормално да се видат луѓе од блиските села како ги тераат во градот своите магариња натоварени со стока за продавање. Бевме многу сиромашно семејство со девет деца, од кои јас бев седмото. За да го прехрани семејството, татко ми поправаше гуарачес (селски сандали). Но, кога имав седум години тој умре. Оттогаш мајка ми мака мачеше да донесе парче леб на маса.

Дедо ми свиреше виолина и беше диригент на еден оркестар за класична црковна музика. Речиси сите во семејството свиреа на некој инструмент. Мајка ми пееше во црковниот хор, а вујко ми беше оперски пејач и пијанист. Бевме побожно семејство — јас бев министрант (момче што го послужува свештеникот за време на мисата) и сонував еден ден да станам католички мисионер. Во исто време бев голем љубител на карате-филмовите. Колку повеќе гледав такви филмови толку понасилен станував.

Се запишав во теолошко училиште во градот Пуебла. Сакав да станам католички свештеник. Но, во последната година од моето школување се разочарав од Католичката црква. Една млада калуѓерка се обиде да ме заведе. Јас му одолеав на искушението, но таа случка роди во мене силна желба да се оженам. Освен тоа, забележав дека неколку свештеници водеа двоен живот. Со текот на времето, ја изгубив желбата да станам свештеник.

Кога бев министрант, сонував да станам католички мисионер, но истовремено бев љубител на карате-филмовите и станав насилен

Решив да студирам музика на Државниот музички конзерваториум. Откако дипломирав, се оженив и станав татко на четири деца. Заработував за живот пеејќи за време на мисите во Католичката црква.

Уште од самиот почеток нашиот брак беше полн со проблеми. Јас и жена ми постапувавме грубо еден кон друг, и тоа главно затоа што и двајцата бевме водени од чувства на љубомора. Отпрвин само се навредувавме, а потоа и се тепавме. Откако поминаа 13 години, заклучивме дека ќе биде најдобро секој да тргне по свој пат, а подоцна се разведовме.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Првпат ги сретнав Јеховините сведоци пред да се разведеме. Двајца Сведоци тропнаа на нашата врата и почнаа разговор за Библијата. Мислев дека знам доволно за религијата, па затоа решив да им докажам дека не се во право. Им поставував тешки прашања за кои мислев дека нема одговор. Но, на мое големо изненадување, тие секогаш ми даваа јасни одговори на темел на Библијата. Тогаш сфатив колку малку знаев. Меѓутоа, жена ми беше многу груба со Сведоците а јас бев многу зафатен, па затоа тие престанаа да доаѓаат.

По пет години, кога живеев со една друга жена, Елвира, повторно дојдов во контакт со Јеховините сведоци. Елвира немаше ништо против нив, па затоа ми беше полесно редовно да ја проучувам Библијата. Сепак, поминаа неколку години пред да расчистам со старите навики.

Сфатив дека, ако сакам да му служам на Јехова со сето срце, ќе треба да направам некои големи промени. Најпрво требаше да дадам отказ од моето работно место во Католичката црква. Тоа значеше дека ќе мора да најдам друга работа (Откровение 18:4). Исто така, јас и Елвира требаше да се венчаме.

Но, една од најтешките промени ми беше да научам да си го контролирам избувливиот темперамент. Во тоа особено ми помогнаа два библиски стиха: Псалм 11:5, кој покажува дека Јехова го мрази насилството, и 1. Петрово 3:7, од кој научив дека, ако сакам Бог да ми ги сослуша молитвите, мора да ја почитувам мојата сопруга. Додека размислував за тие стихови и го молев Јехова за помош, малку по малку успеав избувливоста да ја ставам под контрола.

Од Библијата научив дека, ако сакам Јехова да ми ги сослуша молитвите, мора да ја почитувам мојата сопруга

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Имам среќен семеен живот. Се трудам да си ги поправам нарушените односи со моите синови од првиот брак и да му помогнам на моето сегашно семејство да биде цврсто во верата.

Кога бев дете, сонував да станам свештеник и да им помагам на луѓето. Сега чувствувам дека мојот живот има вистинска смисла. Го издржувам семејството давајќи часови по музика. Многу сум благодарен што Јехова беше стрплив со мене и ми даде можност да се променам и да станам подобра личност!