Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ

Бог ‚ги полни нашите срца со храна и веселост‘

Бог ‚ги полни нашите срца со храна и веселост‘

Дали Јехова се грижи за нас? Или е незаинтересиран за тешката состојба на луѓето? Одговорот што го дава Библијата може многу да нѐ утеши. Бог се грижи за нас и сака да му се радуваме на животот. Тој секојдневно им покажува добрина на сите луѓе — дури и на оние што не му се благодарни за тоа. Размисли за она што го напишал апостол Павле. (Прочитај Дела 14:16, 17.)

Кога им се обратил на луѓето во Листра кои не му служеле на Бог, Павле рекол: „[Бог] во поранешните поколенија дозволи сите народи да одат по своите патишта, иако не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“. Што значело ова за жителите на Листра?

Тие лесно можеле да увидат дека она што им го кажал Павле било точно. Овие луѓе биле земјоделци и живееле на плодно подрачје богато со вода. Но, Павле ги потсетил дека Бог е тој што дава дождови и обилен род. Значи, секогаш кога имале богата жетва или уживале во вкусно јадење, тоа било поради Божјата добрина.

Од она што Павле им го рекол на жителите на Листра можеме да научиме неколку важни работи за Јехова Бог.

Јехова ни дал право на избор. Забележи дека Јехова им дозволил на луѓето од сите народи „да одат по своите патишта“. Во еден прирачник за преведување на Библијата пишува дека овој израз може да значи и „да одат каде што сакаат“ или „да прават како што мислат дека е најдобро“ (A Handbook on the Acts of the Apostles). Јехова не тера никого сосила да му служи. Тој ни дал право на избор, односно слободна волја сами да избереме што да правиме во животот (5. Мојсеева 30:19).

Јехова сака да го запознаеме. Павле објаснил дека Бог ‚не се оставил без сведоштво за себе‘. Во прирачникот што го спомнавме претходно, пишува дека оваа фраза може да се преведе и како „јасно им покажал на луѓето каков Бог е тој“. Она што го создал Бог дава силно сведоштво за неговите особини, како што се добрината, мудроста, моќта и љубовта (Римјаните 1:20). Но, во Библијата, Јехова ни открил уште многу други работи за себе (2. Тимотеј 3:16, 17). Зар тоа не ни покажува дека сака да го запознаеме?

Бог секојдневно им покажува добрина на сите луѓе — дури и на оние што не му се благодарни за тоа

Јехова сака да бидеме среќни. Тој ‚ги полни нашите срца со храна и веселост‘, рекол Павле. Дури и некој што не го познава Јехова и не живее според неговите мерила може да ужива во прекрасните вкусови на храната и до некоја мера да се чувствува среќен. Меѓутоа, Бог сака да бидеме вистински среќни, и тоа засекогаш. Тоа ќе биде можно само ако ја дознаеме вистината за него и ако живееме според неа (Псалм 144:15; Матеј 5:3).

Секој ден можеме да ја почувствуваме Јеховината добрина. Затоа, дознај како можеш да покажеш дека си му благодарен на Бог, кој ‚го полни твоето срце со храна и веселост‘.

Читање на Библијата во јули

Дела 11-28