Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Повеќе не сметам дека јас треба да го сменам светот“

„Повеќе не сметам дека јас треба да го сменам светот“
  • РОДЕН: 1966

  • ЗЕМЈА: ФИНСКА

  • НЕКОГАШ: БОРЕЦ ЗА ПРАВА

МОЕТО МИНАТО:

Уште како дете ја сакав природата. Со семејството често одевме на излет во прекрасните шуми и на убавите езера во околината на нашиот град, Јиваскила, кој се наоѓа во централна Финска. Исто така, многу ги сакам животните. Како дете сакав да го погалам секое маче или куче што ќе го видев! Кога пораснав, почна многу да ме вознемирува тоа што луѓето често ги малтретираат животните. По некое време станав член на една организација која се бореше за заштита на животните. Таму запознав и други луѓе што размислуваа како мене.

Активно се боревме за правата на животните. На разни начини делевме информативен материјал, организиравме протестни маршеви и демонстрации против продавниците за кожа и крзно и против лабораториите за тестирање на животни. Основавме и нова организација за заштита на животните. Бидејќи преземавме радикални мерки за да ја постигнеме нашата цел, честопати доаѓавме во судир со властите. Неколкупати бев апсен и изведуван на суд.

Освен грижата за животните, ме вознемируваа и други проблеми што го мачеа светот. По некое време, станав член и на други организации, како што се Амнести Интернешенел и Гринпис. Давав сѐ од себе за да ги поддржувам нивните активности. Јавно ги застапував сиромашните, гладните и луѓето што страдаа.

Но, постепено почнав да сфаќам дека не сум моќен да го променам светот. И покрај тоа што овие организации успеаја да решат некои помали проблеми, големите проблеми само се влошуваа. Изгледаше како силите на злото да загосподариле со целиот свет, а на никого не му беше гајле за тоа. Се чувствував сосема немоќен.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Поради тоа што се чувствував беспомошно, почнав да размислувам за Бог и за Библијата. Претходно веќе ја имав проучувано Библијата со Јеховините сведоци. Иако ги ценев Сведоците затоа што беа љубезни и покажуваа искрена грижа кон мене, тогаш не бев спремен да направам промени во животот. Но, овојпат беше поинаку.

Почнав повторно да ја читам Библијата. Тоа што го читав ми беше како мевлем на рана. Наидов на многу библиски стихови кои покажуваат дека не треба да ги малтретираме животните. На пример, во Изреки 12:10 пишува дека „праведникот се грижи за душата на своето животно“. Исто така, увидов дека Бог воопшто не е виновен за проблемите што се случуваат во светот. Напротив, тие сѐ повеќе се влошуваат поради тоа што голем број луѓе не му се послушни. Бев длабоко трогнат кога сфатив дека Јехова неизмерно нѐ сака и дека е многу стрплив (Псалм 103:8-14).

Некаде во тоа време, најдов купон со кој можеше да се нарача книгата Што навистина учи Библијата? Кратко откако го испратив, на мојата врата дојде една брачна двојка Јеховини сведоци. Почнав да ја проучувам Библијата и да одам на христијанските состаноци во Салата на Царството. Така, библиската вистина сѐ подлабоко се всадуваше во моето срце.

Со помош на Библијата направив многу промени во животот. Престанав да пушам и да се опивам. Си го средив личниот изглед и престанав вулгарно да зборувам. Исто така, го променив и ставот кон властите (Римјаните 13:1). Освен тоа, престанав да водам неморален живот.

Најтешко ми беше да стекнам исправно гледиште за организациите кои се бореа за правата на луѓето и животните. Во тоа не успеав прекуноќ. На почетокот мислев дека ќе ги изневерам ако го прекинам членството во нив. Сепак, сфатив дека само Божјето Царство ќе ги реши проблемите во овој свет. Затоа, решив со сите сили да го поддржувам тоа Царство и да им помагам на другите луѓе да дознаат за него (Матеј 6:33).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Како борец за правата на луѓето и животните, ги делев луѓето на добри и лоши. Исто така, бев спремен да им се спротивставам на оние кои ги сметав за лоши. Библијата ми помогна да не чувствувам никаква омраза кон другите. Наместо тоа, се трудам да ги сакам сите луѓе (Матеј 5:44). Еден начин на кој ја покажувам оваа љубов е така што ја пренесувам добрата вест за Божјето Царство. Мило ми е кога гледам дека со ова дело се шири мир и радост меѓу луѓето и им се дава вистинска надеж.

Тоа што ги оставив работите во Јеховини раце ми донесе душевен мир. Уверен сум дека тој, како наш Творец, нема да дозволи животните и луѓето да страдаат засекогаш. Исто така, нема да дозволи нашата прекрасна планета да биде уништена. Напротив, преку своето Царство, наскоро ќе ја поправи сета штета што била направена (Исаија 11:1-9). Многу се радувам не само што го знам ова туку и што можам да им помагам и на другите да стекнат вера во библиските вистини. Повеќе не сметам дека јас треба да го сменам светот.