Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Библијата менува животи

Библијата менува животи
  • РОДЕН: 1978

  • ЗЕМЈА: ЧИЛЕ

  • НЕКОГАШ: МНОГУ НАСИЛЕН ЧОВЕК

МОЕТО МИНАТО

Пораснав во Сантјаго, главниот град на Чиле, во место каде што дрогата, бандите и криминалот беа нешто нормално. Татко ми беше убиен кога имав пет години. Потоа, мајка ми почна да живее со еден многу суров човек. Тој постојано нѐ тепаше. Сѐ уште носам емоционални лузни од тоа време.

Како што растев, поради лошото влијание од околината, и јас станав многу насилен. Слушав хеви-метал музика, многу пиев и понекогаш земав дрога. Постојано бев вмешан во улични тепачки со дилерите на дрога, кои неколкупати се обидоа да ме убијат. Еднаш, една банда дури и најми платен убиец, но успеав да се извлечам само со убод од нож. Во една друга прилика, група нарко-дилери ми вперија пиштол в глава и сакаа да ме обесат.

Во 1996 год. се запознав со Каролина, која во 1998 год. ми стана жена. Откако ни се роди првиот син, заради мојот избувлив карактер почнав да се плашам дека ќе станам како мојот очув и ќе го малтретирам семејството. Затоа, побарав помош од еден центар за рехабилитација. Добив медицинска помош и терапија, но сѐ беше залудно. И понатаму не можев да се контролирам. Ме разбеснуваше дури и најмалата ситница. Сакав да престанам да го повредувам моето семејство и мислев дека најдоброто решение е да си го одземам животот. Но, денес се радувам што тој обид не ми успеа.

Иако долго време бев атеист, сакав да верувам во Бог. Затоа, еден период одев во Евангелистичката црква. Жена ми почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Ги мразев Сведоците и честопати ги пцуев на сет глас. Но, тие секогаш остануваа смирени. Нивната реакција многу ме чудеше.

Еднаш, Каролина ми рече да прочитам во мојата Библија што пишува во Псалм 83:18. Таму јасно стои дека Божјето име е Јехова. Се изненадив кога сфатив дека мојата религија учеше за бог, ама не за Јехова. Во почетокот на 2000 год., и јас почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Додека проучував, многу ме утеши тоа што дознав дека Јехова е сочувствителен Бог кој простува. На пример, во Библијата, во 2. Мојсеева 34:6, 7 пишува дека Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“.

Многу ме утеши тоа што дознав дека Јехова е сочувствителен Бог кој простува

Сепак, не ми беше лесно да го применам она што го учев. Мислев дека никогаш нема да успеам да го контролирам мојот насилен темперамент. Но, кога и да избувнев, Каролина со љубов ме охрабруваше. Ме потсетуваше на тоа дека Јехова забележува колку многу се трудам да се променам. Со својата поддршка ми даваше сили да продолжам да се трудам да го правам она што е исправно, иако често се чувствував како изгубен случај.

Еден ден, Алехандро, кој проучуваше со мене, ми рече да прочитам во Галатите 5:22, 23. Таму пишува дека плодовите на Божјиот дух се „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“. Алехандро ми објасни дека не можам само со свои сили да ги стекнам овие особини, туку дека мора да се потпрам на Божјиот свет дух. Тоа ми помогна поинаку да гледам на работите.

Подоцна бев на еден голем конгрес на Јеховините сведоци. Редот, чистотата и срдечната атмосфера што владееше таму ми беа силен доказ дека ја најдов вистинската религија (Јован 13:34, 35). Во февруари 2001 год., се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Јехова ми помогна да се променам и од насилен да станам мирољубив човек. Тој ме извлече од калта во која беспомошно тонев. Многу луѓе ме мразеа, но не им замерувам. Меѓутоа, денес радосно му служам на Јехова заедно со жена ми и двата сина.

На роднините и поранешните пријатели не им се верува колку многу се променив. Некои од нив сакаа да дознаат повеќе за Библијата. Освен тоа, и на други луѓе им помогнав да го запознаат Јехова. Многу се радувам што можев да видам како вистината од Библијата им помогна да го променат својот живот!