Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈА Е ПОРАКАТА НА БИБЛИЈАТА?

Што направил Бог за да ги спаси луѓето?

Што направил Бог за да ги спаси луѓето?

Бог му ветил на својот верен слуга Авраам дека прореченото „потомство“ ќе биде од неговата лоза. Преку тоа „потомство“ требало да бидат благословени луѓето од „сите народи“ (1. Мојсеева 22:18). Јаков, внукот на Авраам, подоцна се преселил во Египет, каде што од неговото семејство настанал израелскиот народ.

Во Египет, еден безмилосен фараон ги држел Израелците во ропство сѐ додека Бог не го испратил пророкот Мојсеј, кој го извел народот низ Црвеното Море, чии води на чудесен начин се раздвоиле. Потоа, Бог им дал на Израелците закони, меѓу кои биле и Десетте заповеди, за да ги води и штити. Во тие закони било пропишано да се принесуваат жртви за простување на гревовите. Под водство на Бог, Мојсеј им кажал на Израелците дека Бог ќе им испрати друг пророк. Тој пророк требало да биде ветеното „потомство“.

Повеќе од 400 години подоцна, Бог му ветил на цар Давид дека ‚потомството‘ проречено во рајската градина требало да владее со едно вечно царство. Станувало збор за Месијата, кој Бог го одредил да го спаси човештвото и да донесе рај на Земјата.

Преку Давид и другите пророци, Бог постепено откривал сѐ повеќе детали за Месијата. Тие прорекле дека Месијата ќе биде понизен и добар и дека под негова власт ќе нема глад, неправда и војни. Луѓето ќе живеат во мир еден со друг и со животните. Ќе нема болести, страдања и смрт, нешто што никогаш не било дел од Божјата намера. Оние кои умреле, повторно ќе живеат на Земјата.

Преку пророкот Михеј, Бог открил дека Месијата ќе се роди во Витлеем, а преку пророкот Даниел, дека ќе биде убиен. Но, Бог требало да го воскресне Месијата и да го постави како Цар на небото. Исто така, Даниел прорекол дека, на крајот, Царството на Месијата засекогаш ќе ги замени сите други влади. Дали навистина се исполнило она што било проречено за Месијата?

На темел на 1. Мојсеева поглавја 22-50, 2. Мојсеева, 5. Мојсеева, 2. Самоилова, Псалми, Исаија, Даниел, Михеј и Захарија 9:9.