ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ
Бог „ги наградува оние што ревносно го бараат“
Дали Јехова ги цени напорите на оние што се трудат да му угодат? Некои можеби ќе речат не, затоа што сметаат дека Бог воопшто не се интересира за нас. Но, таквото гледиште дава сосема погрешна слика за него. Божјата Реч, Библијата, ни покажува каков е навистина Бог. Таа нѐ уверува дека Јехова цени сѐ што прават за него оние што му се верни. Да ги разгледаме зборовите на апостол Павле запишани во Евреите 11:6.
Како можеме да му угодиме на Јехова? Апостол Павле напишал: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евреите 11:6). Обрни внимание на тоа дека Павле не рекол дека е тешко да му се угоди на Бог без вера, туку дека тоа е невозможно. Значи, за да му угодиме на Бог, мора да имаме вера.
Каква вера треба да имаме? Нашата вера во Бог мора да вклучува две работи. Прво, ‚мора да веруваме дека тој постои‘. Зар е можно да му угодиме на Бог ако се сомневаме во неговото постоење? Сепак, вистинската вера вклучува нешто повеќе. Дури и демоните веруваат дека Јехова постои (Јаков 2:19). Верата во Бог треба да нѐ мотивира на дела. Мора да докажеме дека веруваме во Бог со тоа што ќе го правиме она што е исправно (Јаков 2:20, 26).
Второ, ‚мора да веруваме‘ дека Бог „наградува“. Оној што вистински верува во Бог е сигурен дека сѐ што прави за да му угоди не е напразно (1. Коринќаните 15:58). Не можеме да му угодиме на Јехова ако се сомневаме дека може или дека сака да нѐ награди (Јаков 1:17; 1. Петрово 5:7). Оној што смета дека Бог е незаинтересиран, неблагодарен и себичен не го познава вистински, онака како што е опишан во Библијата.
Кого го наградува Јехова? „Оние што ревносно го бараат“, рекол Павле. Во еден прирачник за преведувачи на Библијата пишува дека грчкиот збор што е преведен со изразот „ревносно го бараат“ не значи буквално „да се бара некого“. Тој укажува на службата што некој ја врши за Бог. Во еден друг прирачник е објаснето дека овој грчки глагол е во облик што укажува на упорност и голем труд. Според тоа, Јехова ги наградува оние чија вера ги поттикнува да му служат искрено, од љубов и со жар (Матеј 22:37).
Не можеме да му угодиме на Јехова ако се сомневаме дека може или дека сака да нѐ награди
Како Јехова ги наградува оние што верно му служат? Тој им ветил бесценета награда во иднина — вечен живот во рај на Земјата (Откровение 21:3, 4). Тоа покажува колку е великодушен и колку нѐ сака. Но, оние што ревносно го бараат Јехова се богато благословени уште денес. Со помош на неговиот свет дух и мудроста од неговата Реч, тие имаат среќен и исполнет живот (Псалм 144:15; Матеј 5:3).
Јехова навистина е благодарен Бог кој многу го цени она што го прават луѓето што имаат вера во него. Дали тоа ти создава желба да станеш поблизок со него? Ако да, дознај како можеш да стекнеш и да покажуваш вера што Јехова богато ќе ја награди.
Читање на Библијата во ноември