Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ќе вадиш бакар од планините“

„Ќе вадиш бакар од планините“

Додека археолозите вршеле ископувања во клисурите и пештерите на Јудејската Пустина, високо над една стрмна карпа наишле на пештера. Дали во неа се криело нешто вредно, можеби древни предмети или ракописи како Свитоците од Мртвото Море? На нивно големо изненадување, тие навистина откриле богатство, кое подоцна било наречено ризницата од Нахал Мишмар.

СКРИЕНА во една пукнатина и завиткана во рогозина, оваа збирка, пронајдена во март 1961 год., содржела преку 400 предмети. Повеќето од нив биле од бакар. Имало најразлични круни, жезли, орудија, боздогани и друго оружје. Овој пронајдок го привлекува вниманието на читателите на Библијата, со оглед на тоа што во 1. Мојсеева 4:22 се спомнува еден човек по име Тувал-Каин, кој ‚ковал секакви орудија од бакар и од железо‘.

Остануваат неодговорени многу прашања во врска со тоа од каде потекнуваат и за што се користеле предметите од оваа богата ризница. Сепак, нејзиното откривање покажува дека луѓето во библиските земји уште од најстари времиња ваделе, топеле и лееле бакар.

НАОЃАЛИШТА НА БАКАР ВО ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА

Кога израелскиот народ бил на прагот на Ветената земја, Мојсеј му рекол: „Ќе вадиш бакар од планините“ (5. Мојсеева 8:7-9). Во Израел и Јордан, археолозите откриле бројни локации на кои во минатото се вадел и се леел бакар, како што се Феинан Тимна и Кирбат ен Нахас. Што дознаваме од овие древни наоѓалишта?

Околината на Феинан и Тимна е полна со плитки јами, од кои луѓето ваделе бакарна руда најмалку 2.000 години. И ден-денес, посетителите на овие места можат да најдат искршени камења ишарани со позеленети парчиња бакар. Древните копачи макотрпно делкале по површината на карпите со камени алатки за да го извадат бакарот во горните слоеви. Кога површинските извори на бакар биле исцрпени, тие копале подлабоко со метални алатки. Така ги проширувале пештерите и ископувале длабоки окна и тунели. Во библиската книга Јов е даден опис на таквиот процес на вадење руда (Јов 28:2-11). Тоа навистина било мачна работа. Всушност, од третиот до петтиот век од н.е., римските власти ги осудувале закоравените криминалци и другите затвореници да работат во бакарните рудници во Феинан.

Во Кирбат ен Нахас (што значи „Бакарни урнатини“) се пронајдени огромни купишта згура. Тоа покажува дека таму масовно се произведувал бакар. Изучувачите сметаат дека бакарната руда се носела дотаму од блиските рудници, како оние во Феинан и Тимна. За да се одвои бакарот од рудата, се користеле цевки и мевови за дување. Со нив температурата на огнот се подигала на околу 1.200 Целзиусови степени и се одржувала осум до десет часа. Обично биле потребни пет килограми руда за да се добие еден килограм бакарни шипки, кои подоцна можеле да се претопат и од нив да се направат најразлични предмети.

БАКАРОТ ВО ДРЕВНИОТ ИЗРАЕЛ

На Планината Синај, кога Јехова Бог давал упатства како да се направи светиот шатор, рекол да се употреби и бакар. Овој сјаен метал го имало во блиските рудници. Подоцна, бакар се користел и во изградбата на храмот во Ерусалим (2. Мојсеева, 27. поглавје). Израелците можеби знаеле како да ги обработуваат металите уште пред да отидат во Египет или, пак, тој занает можеби го научиле таму. Како и да е, откако излегле од Египет, знаеле да направат леано теле. Исто така, вешто ги изработиле многубројните бакарни предмети потребни за да се извршува службата во светиот шатор, како што биле големиот мијалник, котлите, тавите, лопатите и виљушките (2. Мојсеева 32:4).

Додека оделе низ пустината, Израелците почнале да се жалат на маната и приговарале што немале вода. Тоа можеби било во околината на Фунон (веројатно денешен Феинан), каде што имало многу бакар. За казна, Јехова им испратил отровни змии, од кои умреле многу луѓе. Откако Израелците се покајале, Мојсеј се помолил за нив и Јехова му рекол да направи бакарна змија и да ја подигне на еден висок столб. Во Библијата читаме: „Кога некоја змија ќе каснеше некој човек, штом тој ќе погледнеше во бакарната змија, остануваше жив“ (4. Мојсеева 21:4-10; 33:43).

БАКАРОТ НА ЦАР СОЛОМОН

Многу делови од храмот во Ерусалим биле направени од бакар

Цар Соломон употребил огромни количества бакар во изградбата на храмот во Ерусалим. Голем дел од бакарот го обезбедил неговиот татко, Давид, кој го запленил при освојувањата во Сирија (1. Летописи 18:6-8). Бакарното „излеано море“, кое било огромен резервоар за вода што ја користеле свештениците, можело да собере 66.000 литри и тежело околу 30 тони (1. Царевите 7:23-26, 44-46). На влезот од храмот имало и два огромни бакарни столба. Тие биле високи 8 метри, а на врвот имале капители високи 2,2 метри. Овие столбови биле шупливи. Ѕидовите им биле дебели 7,5 сантиметри и имале дијаметар од околу 1,7 метри (1. Царевите 7:15, 16; 2. Летописи 4:17). Не можеме ни да замислиме колку бакар бил употребен само за бакарното море и двата столба!

Луѓето во библиски времиња го користеле бакарот и во секојдневниот живот. На пример, во Библијата се спомнуваат бакарни окови, оружје, музички инструменти и врати (1. Самоилова 17:5, 6; 2. Царевите 25:7; 1. Летописи 15:19; Псалм 107:16). А во една прилика Исус спомнал бакарни пари (Матеј 10:9).

За археолозите и историчарите остануваат уште многу прашања во врска со тоа од каде дошло изобилството бакар што се користел во библиски времиња. А многу тајни крие и ризницата од Нахал Мишмар. Сепак, едно е сигурно — земјата што ја наследиле Израелците навистина била ‚добра земја во која ваделе бакар од планините‘, токму како што е запишано во Библијата (5. Мојсеева 8:7-9).