Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОУЧЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА

Исус Христос — бебе или моќен Цар?

Исус Христос — бебе или моќен Цар?

Секој декември низ целиот свет можат да се видат слики и кипови од Исус како бебе. Тој лежи во јасли — голема кутија во која се става сено за добитокот. Но, дали треба да се сеќаваме на Исус како на бебе? * Треба да го замислуваме како една многу поважна личност. Да видиме што им се случило една ноќ на некои овчари на полињата во близина на Витлеем.

Одеднаш, пред овчарите се појавил ангел. Тој им рекол: „Денес... ви се роди Спасител — Христос, Господарот“. Ангелот им кажал дека ќе го најдат бебето Исус „повиено и положено во јасли“. Во тој момент се појавиле уште многу други ангели кои го фалеле Бог.

Како ќе се чувствуваше ти да ги чуеше ангелите како го фалат Бог?— Овчарите биле многу радосни! „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што Јехова ни објави дека се случило“, рекле тие. Таму ги нашле „Марија и Јосиф, и детето положено во јаслите“.

Наскоро, кај Марија и Јосиф во Витлеем дошле и други луѓе. Кога овчарите им раскажале што се случило, сите биле зачудени. Убаво е што ги знаеме сите овие работи, нели?— Да, многу е убаво што Бог ни го кажал сето ова. Сега да видиме зошто луѓето биле толку среќни кога се родил Исус. За да го дознаеме тоа, да видиме што ѝ се случило на Марија пред да се омажи за Јосиф.

Еден ден кај Марија дошол ангелот Гавриел. Тој ѝ кажал дека ќе роди син кој „ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот“. Ангелот ѝ рекол дека детето ќе стане цар и дека „неговото царство ќе нема крај“.

Марија прашала како е можно да се случи такво нешто, бидејќи никогаш немала односи со маж. Гавриел ѝ објаснил: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“. Бог го пренел животот на својот Син од небото во утробата на Марија за да се роди како бебе. Тоа било големо чудо!

Дали некогаш си видел слики или сцени на кои е прикажано како тројца „мудреци“ дошле кај бебето Исус заедно со овчарите?— Околу Божиќ се вообичаени вакви сцени. Но, тие не се точни. „Мудреците“ биле обични астролози — луѓе што прават нешто кое Бог го осудува. Да видиме што се случило кога пристигнале. Во Библијата пишува: „И влегоа во куќата и го видоа детето со Марија, неговата мајка“. Значи, во тоа време Исус повеќе не бил бебе во јасли туку дете кое живеело со Јосиф и Марија во куќа!

Како астролозите го нашле Исус?— Тие биле водени од „ѕвезда“. Но, таа ѕвезда не ги одвела директно во Витлеем, туку најпрво во Ерусалим, кај царот Ирод. Во Библијата пишува дека Ирод сакал да го најде Исус за да го убие. А сега размисли. Кој би можел да направи нешто што личело на ѕвезда за да ги одведе астролозите кај Ирод?— Тоа сигурно не бил вистинскиот Бог, Јехова, туку неговиот непријател, Сатана Ѓаволот!

Денес Сатана сака луѓето да си го замислуваат Исус само како едно беспомошно бебе. Но, ангелот Гавриел ѝ рекол на Марија: „Тој ќе царува... засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“. Значи, сега Исус владее како Цар на небото, а наскоро ќе ги уништи сите Божји непријатели. Затоа, Исус треба да си го замислуваме како Цар, а треба да им кажуваме и на другите дека сега тој владее од небото.

^ Ако читаш со деца долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.