Дали сте знаеле?
Како се давале прилози во храмот во времето на Исус?
Храмската ризница се наоѓала во Дворот на жените. Во една книга пишува: „Покрај ѕидот имало колонада, а до самиот ѕид биле поставени тринаесет садови, односно ‚труби‘, во кои се собирале прилози“ (The Temple — Its Ministry and Services).
Овие садови луѓето ги нарекувале труби затоа што имале тесен отвор, а широко дно. На секој сад стоела ознака за намената на собраните средства, кои потоа се користеле за конкретни потреби. Исус бил во Дворот на жените кога ги набљудувал луѓето што давале прилози, меѓу кои била и сиромашната вдовица (Марко 12:41, 42).
Во првите два сада се собирал храмскиот данок за тековната и за претходната година. Во следните пет садови се пуштале прилози за грлици, гулаби, дрва, темјан и златни садови. Ако оној што приложувал тргнал настрана повеќе пари од пропишаната цена за жртвата, остатокот го приложувал во некој од наредните садови. Осмиот сад бил наменет за парите кои останувале од жртвите за грев. Во наредните четири садови се ставале парите кои останувале од жртвите за вина, жртвите на назарејците, жртвите од исчистените од лепра, како и парите кои останувале откако ќе се купеле птици за жртва. А во тринаесеттиот сад се пуштале доброволни прилози.
Дали податоците што ги запишал библискиот писател Лука се точни?
Лука го напишал евангелието што го носи неговото име, како и книгата Дела на апостолите. Тој рекол дека ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘ (Лука 1:3). И покрај тоа, некои изучувачи ја доведуваат во прашање точноста на неговите извештаи. Можеме ли да имаме доверба во она што го пишувал?
Лука спомнува историски факти кои можат да се потврдат. На пример, кога зборувал за римските службеници тој користел различни титули, како што биле магистрати, односно градски управители во Филипи и азијарси, односно високи службеници во Ефес (Дела 16:20, фуснота; Дела 19:31, фуснота). Лука го нарекол Ирод Антипа тетрарх, односно управител на дел од провинција, а Сергеј Павле го нарекол проконзул на Кипар (Дела 13:1, фуснота; Дела 13:7).
Тоа што Лука ги користел точните титули е интересен факт бидејќи кога се менувал статусот на римските територии, се менувала и титулата на управителот. Библискиот изучувач Брус Мецгер рекол: „Секогаш одново се потврдува дека податоците од книгата Дела одговараат на времето и местото кога биле пишувани“. Изучувачот Вилијам Ремзи го нарекол Лука „врвен историчар“.