Томас Емлин — богохулник или поборник за вистината?
КОЈ бил Томас Емлин, и што го поттикнало да застане на страната на вистината? Што можеме да научиме од него?
За да добиеме одговор на овие прашања, да видиме што се случувало во Англија и Ирска кон крајот на 17 и почетокот на 18 век. Во тоа време, Англиканската црква имала силно влијание. Некои протестантски групи и поединци биле во судир со црквата.
КОЈ БИЛ ТОЈ?
Во ваква религиозна клима се родил Томас Емлин на 27 мај 1663 год. во Стамфорд (Линколншир, Англија). Тој ја одржал својата прва проповед кога имал 19 години. Подоцна служел како свештеник кај една грофица во Лондон, а потоа се преселил во Белфаст (Ирска).
Таму почнал да служи во една парохија. Низ годините служел како свештеник и на други места, меѓу кои и Даблин (Ирска).
ЗОШТО БИЛ ОБВИНЕТ ЗА БОГОХУЛЕЊЕ?
Емлин внимателно ја проучувал Библијата. Со текот на времето дошол до заклучок дека тројството е лажна наука, иако во почетокот верувал во тоа учење. Тој продолжил да ги истражува евангелијата и така сосема се уверил дека неговиот заклучок бил точен.
Емлин не им кажал веднаш на другите за своите нови сознанија. Сепак, некои припадници на црквата во Даблин забележале дека во своите проповеди никогаш не го спомнувал тројството. Свесен дека другите нема да се согласат со неговите нови ставови, тој напишал: „Знам дека нема да можам да продолжам да служам како свештеник откако ќе ги изнесам своите убедувања“. Во јуни 1702 год., двајца свештеници отворено му приговориле за тоа што во своите проповеди не го спомнува тројството. Емлин признал дека повеќе не верува во тројство и им рекол дека е спремен да прекине со свештеничката служба.
По неколку дена заминал од Даблин и отишол во Англија. Но, по два и пол месеци се вратил во Даблин за да среди уште некои работи пред да се пресели во Лондон. Со цел да ги одбрани своите гледишта, додека бил во Даблин ја објавил книгата Скромно истражување на библискиот извештај за Исус Христос (An Humble Inquiry Into the Scripture-Account of Jesus Christ). Во неа изнел јасни библиски докази за тоа зошто не е можно Исус да биде Семоќниот Бог. Тоа ги разбеснило членовите на неговата поранешна црква во Даблин и затоа поднеле официјална жалба против него.
На 14 јуни 1703 год., Емлин бил уапсен и изведен пред судот во Даблин. Во својата книга Вистинската приказна за судењето (True Narrative of the Proceedings), Емлин раскажува дека бил обвинет „затоа што напишал и издал книга во која богохулно и злобно тврдел... дека Исус Христос не е еднаков со Бог, Таткото“. Судењето било наместено. Покрај судиите, на судиската столица седеле и седум бискупи на Ирската црква. На Емлин не му било дозволено да зборува во своја одбрана. Ричард Левинс, истакнат адвокат, му рекол дека „ќе го гонат како волк“, со што сакал да каже дека во никој случај нема да му биде дозволено да се одбрани. На крајот на судењето, ирскиот главен судија Ричард Пајн ѝ рекол на поротата дека, ако не донесат одлука каква што се очекува од нив, „тука се неговите лордови и бискупи“. Можеби со тоа ѝ се заканил на поротата дека ќе биде казнета доколку донесе поинаква пресуда.
„Страдам затоа што сум на страната на [Божјата] вистина и слава“ (Томас Емлин)
Кога Емлин бил прогласен за виновен, заменик-јавниот обвинител му предложил да се откаже од своите верувања. Но, Емлин одбил да го направи тоа. Му била изречена парична казна и бил осуден на една година затвор. Бидејќи не можел да ја плати паричната казна останал в затвор две години, сѐ додека некој негов пријател не ги убедил властите да ја намалат сумата. На 21 јули 1705 год., Емлин бил пуштен на слобода. Поради понижувањата низ кои поминал, тој ги кажал зборовите што ги спомнавме во почетокот: „Страдам затоа што сум на страната на [Божјата] вистина и слава“.
Емлин се преселил во Лондон, каде што се сретнал со библискиот изучувач Вилијам Вистон. И тој бил прогонет поради тоа што објавувал написи во кои отворено ги изнесувал библиските вистини што ги сознал. Вистон го почитувал Емлин и го нарекол ‚прв и главен поборник за првобитното христијанство‘.
ЗОШТО ГО ОТФРЛИЛ ТРОЈСТВОТО?
Исто како Вилијам Вистон и како прочуениот научник Исак Њутон, Емлин дошол до заклучок дека Библијата не го поткрепува учењето за тројство, кое било застапено во атаназиското верување. Тој објаснил: „По длабоко размислување и проучување на Светото писмо... најдов силна причина... да го променам моето поранешно мислење во врска со тројството, во кое досега верував“. На крајот, тој заклучил: „Само Богот и Таткото на Исус Христос е Семоќниот Бог“.
Како Емлин дошол до таков заклучок? Тој нашол многу библиски стихови што укажувале на тоа дека Исус и Таткото се две различни личности. Еве неколку примери (зборовите на Емлин се со коси букви):
Јован 17:3: „За Христос никогаш не се вели дека е единствениот Бог“. Само Таткото е наречен „единствениот вистински Бог“.
Јован 5:30: „Синот не ја врши својата волја, туку волјата на Таткото“.
Јован 5:26: „Својот живот Синот го добил од Таткото“.
Ефешаните 1:3: „Исус Христос честопати е наречен Божји Син, но Таткото никогаш не е наречен Божји Татко. Сепак, честопати е наречен Татко на нашиот Господар Исус“.
Откако Емлин ги навел сите докази, уверено напишал: „Во Библијата нема ниту еден стих што јасно потврдува дека Таткото, Синот и Светиот Дух се една иста личност“.
ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ?
Многу луѓе денес се плашат да заземат цврст став за она што стои во Светото писмо. Но, Емлин бил спремен да застане на страната на библиската вистина. Тој го поставил следново прашање: „Ако човек не смее да зборува за најважните вистини што јасно ги увидел во Светото писмо, тогаш зошто воопшто да го чита и да го истражува?“ Емлин не сакал да ја разводни вистината.
Примерот на Томас Емлин и на други како него треба да нѐ поттикне да размислиме дали и ние би ја имале истата храброст да ја одбраниме вистината, па дури и ако наидеме на презир поради тоа. Исто така, би можеле да се прашаме: ‚Што ми е поважно — да добијам чест и одобрување од другите или да ја застапувам вистината од Божјата Реч?‘