Дали сте знаеле?
Дали археологијата ја потврдува точноста на Библијата?
Според едно списание, археолошките откритија го потврдуваат постоењето на „најмалку 50“ личности кои се спомнати во Библијата (Biblical Archaeology Review). Меѓу нив се и 14 цареви на Јуда и Израел. Некои од овие цареви, како што се Давид и Езекија, се попознати, а некои, како што се Менаим и Фекај, не се толку познати. Исто така, во тие 50 личности спаѓаат и 5 фараони и 19 цареви на Асирија, Вавилон, Моав, Персија и Сирија. Но, освен за царевите, постојат археолошки докази и за некои други библиски личности кои биле на пониска положба, на пример за првосвештеници, за еден писар и за други службеници.
Во истото списание пишува дека сите овие личности можат точно да се идентификуваат бидејќи „многу изучувачи се согласуваат дека навистина постоеле“. Се разбира, во Христијанските грчки списи се спомнуваат и многу други историски личности чие постоење е потврдено од археолошки докази. Некои од нив се Ирод, Понтиј Пилат, Тибериј, Кајафа и Сергиј Павле.
Кога лавовите исчезнале од библиските земји?
Иако денес во ненаселените предели на Светата земја не живеат лавови, на околу 150 места во Библијата се спомнуваат овие животни. Тоа значи дека им биле познати на библиските писатели. На повеќето места во Библијата зборот лав има симболично значење. Но, на некои места се зборува за вистински лавови. На пример, пишува дека Самсон, Давид и Венај убиле лавови (Судиите 14:5, 6; 1. Самоилова 17:34, 35; 2. Самоилова 23:20). Други луѓе, пак, биле растргнати од лавови (1. Царевите 13:24; 2. Царевите 17:25).
Во древни времиња, Азискиот лав (Panthera leo persica) живеел на подрачјето кое се протегало од Мала Азија и Грција до Палестина, Сирија, Месопотамија и северозападна Индија. Поради тоа што влевал страв и бил ценет, лавот честопати се појавувал во древната блискоисточна уметност. Патот по кој минувале свечени поворки во древниот Вавилон бил украсен со цртежи на глазирани тули на кои биле прикажани лавови.
Познато е дека крстоносците ловеле лавови во Палестина кон крајот на 12 век од н.е. Се чини дека лавовите почнале да исчезнуваат од тоа подрачје кратко по 1300 год. Сепак, овие животни можеле да се забележат во Месопотамија и во Сирија сѐ до 19 век, а во Иран и Ирак сѐ до првата половина од 20 век.