ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ГРИЖИТЕ
Многу причини за загриженост
„Отидов да купам храна, но најдов само колачиња кои имаа 10.000 пати повисока цена од нормалната. Следниот ден, во продавниците немаше никаква храна“ (Пол, Зимбабве).
„Маж ми нѐ напушти. Се прашував дали ќе можам да ја поднесам силната болка поради неверството и како ќе се одрази тоа врз децата“ (Џенет, САД).
„Кога ќе го чујам звукот на сирените, веднаш бегам за да се скријам и лежам на подот додека бомбите експлодираат. Дури и со часови по нападот рацете сѐ уште ми се тресат“ (Алона, Израел).
Живееме во „особено тешки времиња“ кои ни носат многу грижи (2. Тимотеј 3:1). Во голем број земји има финансиска криза, разводи, војни, смртоносни зарази, природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човечки фактор. Освен тоа, некои луѓе се борат со лични грижи: ‚Дали израстокот што ми се појави е рак?‘ ‚Во каков свет ќе израснат моите внучиња?‘
Нормално е понекогаш да бидеме загрижени. Обично имаме трема пред јавен настап, тест или интервју за работа. Исто така, нормално е да чувствуваме страв ако ни се заканува некаква опасност. Тоа ни помага да се заштитиме. Но, ако постојано и претерано сме загрижени, можеме да си наштетиме. Неколку неодамнешни истражувања во кои беа вклучени повеќе од 68.000 испитаници покажаа дека загриженоста може да го зголеми ризикот од прерана смрт. Затоа Исус прашал: „Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“ (Матеј 6:27). Грижите никому не можат да му го продолжат животот. Затоа Исус го дал следниов совет: „Престанете да се грижите“ (Матеј 6:25, фуснота).
За да успееме во тоа, треба да бидеме мудри, да изградиме цврста вера во Бог и да стекнеме вистинска надеж за иднината. Можеби сега не се соочуваме со некоја тешка ситуација, но не знаеме што ќе ни донесе утрешниот ден. Затоа, да видиме како Пол, Џенет и Алона успеале да се справат со грижите.