Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ ПОСТОИ ЖИВОТ ПО СМРТТА?

Што се случува по смртта?

Што се случува по смртта?

„Мислев дека има три места на кои некој може да отиде по својата смрт: на небо, во пекол или во чистилиште. Бев свесен дека ниту сум толку добар за да одам на небото ниту толку лош за да одам во пеколот. А воопшто не ми беше јасно што точно е чистилиштето. Никогаш немав прочитано нешто во Библијата за овие три работи. Сѐ што знаев беше она што го чув од другите“ (Лајонел).

„Иако бев поучен дека сите луѓе по смртта одат на небото, не бев сигурен дека тоа е така. Мислев дека со смртта завршува сѐ — дека мртвите немаат никаква иднина“ (Фернандо).

Дали некогаш си се прашал: ‚Што навистина се случува по смртта? Дали нашите сакани кои починале се мачат некаде? Дали ќе ги видиме некогаш повторно? Од каде можеме да бидеме сигурни?‘ Да видиме што пишува во Библијата во врска со оваа тема. Најпрво, ќе разгледаме со што е споредена смртта. Потоа, ќе видиме каква надеж ни дава Божјата Реч, Библијата.

Во каква состојба се мртвите?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо, и за нив повеќе нема плата, зашто споменот за нив е заборавен. Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила, зашто нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот во кој одиш“  * (Проповедник 9:5, 10).

Едноставно кажано, „гробот“ е симболично место во кое се наоѓаат сите луѓе што умреле. Тоа е состојба на непостоење, односно место во кое нема никаква активност. Што претставувал „гробот“ за верниот човек Јов? Тој во еден ден ги изгубил сите свои деца и целиот свој имот, а потоа му се појавиле болни чиреви по целото тело. Јов го молел Бог: „О, да ме скриеше во гробот [„во пеколот“, Превод на МПЦ]“ (Јов 1:13-19; 2:7; 14:13). Според ова, јасно е дека Јов не верувал дека „гробот“ или „пеколот“ е место каде што маките ќе му станеле уште поголеми. За Јов, гробот бил место кое ќе му донело ослободување од маките што веќе ги имал.

За состојбата на мртвите можеме да дознаеме и од библиските извештаи за осум луѓе кои воскреснале по својата смрт. (Види ја рамката „ Осум воскресенија за кои се зборува во Библијата“.)

Овие осум луѓе кои воскреснале не спомнале дека по смртта отишле во некаков рај или на некое место каде што биле мачени. Ако навистина отишле на некое такво место, зар немало да им кажат на другите за тоа? Зарем немало тоа да биде запишано во Библијата? Во Божјата Реч воопшто не се спомнува такво нешто. Зошто? Затоа што, кога умреле, овие луѓе биле во бесознание, како да заспале во длабок сон. Всушност, и во самата Библија понекогаш смртта е споредена со спиење. На пример, за Давид и Стефан, кои биле верни слуги на Бог, пишува дека заспале во смртен сон (Дела 7:60, фуснота; 13:36, фуснота).

Но, има ли надеж за мртвите? Можат ли да се разбудат од смртниот сон?

^ пас. 7 Во Светото писмо — превод Нов свет зборот „гроб“ се користи како превод на хебрејскиот збор „шеол“ и грчкиот збор „ад“. Во некои преводи на Библијата наместо зборот „гроб“ се користи зборот „пекол“, но идејата дека тоа е место во кое мртвите се мачат со оган не се темели на Библијата.