Дали сте знаеле?
Дали на Педесетница 33 год. од н.е. во Ерусалим навистина дошле Евреи „од сите народи под небото“?
Во библискиот извештај од Дела 2:5-11 пишува дека во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. дошле Евреи „од сите народи под небото“. За овој настан пишувал и еврејскиот писател Фило.
Во врска со оние што патувале во Ерусалим, Фило напишал: „На секој празник доаѓаат безброј луѓе од безброј градови, некои доаѓаат по копно, а некои преку море, од исток, од запад, од север и од југ“. Во своите записи, Фило цитирал дел од писмото што Агрипа I, внукот на Ирод Велики, му го испратил на римскиот император Калигула. Во тоа писмо, во врска со Ерусалим, Агрипа напишал: „Светиот град... не е главен град само на Јудеја, туку и на многу други соседни земји во кои се основани еврејски колонии“.
Агрипа ги навел местата во кои имало еврејски колонии, меѓу кои биле и некои подалечни места во Месопотамија, Северна Африка, Мала Азија, Грција и некои острови во Средоземното Море. Изучувачот Јоаким Јеремиас вели: „Иако во овој список не се спомнати конкретно патувањата до Ерусалим, јасно е дека имало такви патувања затоа што секој возрасен Евреин морал задолжително да оди таму на аџилак“ (5. Мојсеева 16:16).
Каде биле сместувани илјадниците луѓе кои доаѓале во Ерусалим за еврејските празници?
Секоја година во Ерусалим се одржувале три празници — Пасха, Педесетница и Празникот на сениците. Во првиот век, за овие празници во Ерусалим доаѓале стотици илјади луѓе од целиот Израел и од секоја друга земја каде што имало Евреи (Лука 2:41, 42; Дела 2:1, 5-11). Сите овие луѓе требало некаде да најдат сместување.
Некои ја поминувале ноќта кај пријатели, а други во гостилници или преноќевалишта. Многумина престојувале во шатори во градот или надвор од него. Последниот пат кога бил во Ерусалим, Исус преноќевал во блиското гратче Витанија (Матеј 21:17).
Во близина на храмот биле пронајдени голем број градби со базени за капење. Се смета дека овие градби биле преноќевалишта каде што гостите можеле да спијат и да се очистат пред да влезат во храмот. Еден натпис кој бил пронајден на една од овие градби покажува дека Теодот, свештеник и водач на локалната синагога, „ја изградил синагогата за во неа да се чита Тората и... изградил соби за преноќевање и водоводна мрежа за гостите што доаѓале во градот“.