Што е Големиот Вавилон?
Што вели Библијата:
Книгата Откровение опишува една „жена“ која е „голема блудница“ и со име „кое е тајна: ’Големиот Вавилон‘“ (Откровение 17:1, 3, 5). Оваа жена ги претставува сите лажни религии, кои ја замениле „Божјата вистина со лага“ a (Римјаните 1:25). Иако овие религии се разликуваат во многу работи, секоја од нив на некој начин ги оддалечува луѓето од обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова (5. Мојсеева 4:35).
Како да го препознаеме Големиот Вавилон
Големиот Вавилон е симболичен израз. Книгата Откровение е напишана „во знаци“, и затоа е логично да заклучиме дека Големиот Вавилон е симбол, а не дословна жена (Откровение 1:1). Освен тоа, оваа симболична жена „седи на многу води“, кои претставуваат „луѓе и мноштва и народи и јазици“ (Откровение 17:1, 15). Тоа е невозможно за една дословна жена.
Големиот Вавилон има меѓународен карактер. Тој е наречен „големиот град, кој царува над земните цареви“ (Откровение 17:18). Ова покажува дека Големиот Вавилон дејствува и има влијание во целиот свет.
Големиот Вавилон е религиозен систем, а не политички или трговски систем. Древниот Вавилон бил град во кој религијата била навлезена во секоја пора од општеството и бил познат како град потонат во спиритизам, во што, меѓу другото, спаѓаат „магии и... гатања“ (Исаија 47:1, 12, 13; Еремија 50:1, 2, 38). Всушност, жителите на тој град се занимавале со лажна религија со цел да му се противат на вистинскиот Бог, Јехова (1. Мојсеева 10:8, 9; 11:2-4, 8). Вавилонските владетели арогантно се поставувале себеси над Јехова и над чистото обожавање (Исаија 14:4, 13, 14; Даниел 5:2-4, 23). И Големиот Вавилон е познат по спиритизмот. Ова потврдува дека Големиот Вавилон е религиозен систем (Откровение 18:23).
Не е можно Големиот Вавилон да е политички систем бидејќи „царевите на земјата“ ќе жалат поради неговото уништување (Откровение 17:1, 2; 18:9). Не е ни трговски систем затоа што Библијата го издвојува од „трговците на земјата“ (Откровение 18:11, 15).
Големиот Вавилон е соодветен симбол за лажната религија. Наместо да ги учи луѓето како да се зближат со вистинскиот Бог, Јехова, лажната религија ги наведува да обожаваат други богови. Според Библијата, во Божји очи тоа е рамно на блудствување (3. Мојсеева 20:6, фуснота; 2. Мојсеева 34:15, 16, фуснота). Многу лажни религии продолжуваат да поучуваат за верувања и обичаи кои влечат корени уште од древниот Вавилон, како што се верувањето во тројство, верувањето во бесмртност на душата и користењето религиозни предмети при обожавањето. Исто така, овие религии поттикнуваат на љубов кон светот. Библијата вели дека ваквиот облик на неверство е духовна прељуба (Јаков 4:4).
Лажната религија има натрупано огромно богатство со кое нападно се истакнува, а тоа совршено се совпаѓа со описот на Големиот Вавилон даден во Библијата. За неа читаме дека е „облечена во пурпурна и црвена облека и украсена со злато, скапоцени камења и бисери“ (Откровение 17:4). Од Големиот Вавилон доаѓаат „гадотиите земни“, односно учењата и постапките што му носат срам на Бог (Откровение 17:5). Припадниците на лажната религија се „луѓе и мноштва и народи и јазици“ кои го поддржуваат Големиот Вавилон (Откровение 17:15).
Големиот Вавилон е одговорен за смртта „на сите што беа убиени на земјата“ (Откровение 18:24). Историјата бележи дека лажната религија не само што подбуцнувала војни и тероризам туку и ја криела од луѓето вистината за Јехова, Богот на љубовта (1. Јованово 4:8). Со тоа, предизвикала големи крвопролевања.
Како гледа Бог на Големиот Вавилон?
Во Божји очи, гревовите на Големиот Вавилон се натрупани до небото (Откровение 18:4, 5). Бог е гневен на лажната религија бидејќи го претставува во погрешно светло и ги угнетува нејзините следбеници.
Што ќе се случи со Големиот Вавилон?
Во Библијата пишува дека Бог го осудил Големиот Вавилон (Откровение 18:20). Со симболични зборови, Библијата прорекува дека Бог ќе им стави крај на сите лажни религии (Откровение 18:8). Тој ќе го поттикне црвениот ѕвер, кој претставува една моќна политичка организација, да се сврти против сите лажни религии и целосно да ги уништи (Откровение 17:16, 17). Библијата додава: „Вака во миг ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и никогаш повеќе нема да постои“ (Откровение 18:21). Затоа, со добра причина, оние кои сакаат да го радуваат Бог треба да ја послушаат библиската заповед „излезете од [таа] средина“, односно да се одвојат од лажната религија (2. Коринќаните 6:14-17).
a Види ја статијата „Како да ја препознаеме вистинската религија?“