Префрли се на текстот

Што вели Библијата за давањето десеток?

Што вели Библијата за давањето десеток?

 Во минатото, Израелците давале десеток, a односно десеттина од својот годишен приход. Тоа било дел од нивното обожавање на Бог. Тој им заповедал: „Одвојувај десеттина [„десеток“, Превод на МПЦ] од целиот род на своето семе, кој го раѓа твојата нива секоја година“ (5. Мојсеева 14:22).

 Заповедта за давањето десеток била дел од Мојсеевиот закон, кој Бог им го дал на Израелците во минатото. Бидејќи христијаните не се под Мојсеевиот закон, од нив не се бара да даваат десеток (Колошаните 2:13, 14). Но, секој христијанин може да дава прилог „како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 9:7).

Давањето десеток во „Стариот завет“

  Во делот од Библијата кој е познат како „Стар завет“, давањето десеток се спомнува неколку пати. Во повеќето случаи, давањето десеток е поврзано со периодот откако Бог им го дал Законот на Израелците преку Мојсеј. Сепак, неколку случаи се поврзани со периодот пред Мојсеевиот закон.

Пред Мојсеевиот закон

 Првата личност за која е запишано дека дала десеток е Аврам, односно Авраам (1. Мојсеева 14:18-20; Евреите 7:4). По сѐ изгледа тоа бил еднократен подарок кој Аврам му го дал на царот и свештеникот на Салим. Никаде во Библијата не пишува дека Авраам или неговите деца некогаш повторно дале десеток.

 Втората личност за која во Библијата е спомнато дека давала десеток е Јаков, внукот на Авраам. Тој му ветил на Бог дека, ако го благослови, ќе му дава десеттина од сѐ што ќе добие (1. Мојсеева 28:20-22). Според некои библиски изучувачи, Јаков веројатно го платил овој десеток во вид на животински жртви. Иако Јаков се заветувал дека ќе дава десеток, тој не ги обврзал и другите членови на неговото семејство да го прават истото.

Под Мојсеевиот закон

 На Израелците во минатото им било заповедано да даваат десеток. Тоа било дел од нивното обожавање на Бог.

  •   Десетокот бил наменет за левитите и свештениците, кои немале своја земја за да ја обработуваат и кои потполно биле посветени на службата за Бог (4. Мојсеева 18:20, 21). Левитите кои не биле свештеници добивале десеттина од народот, а потоа тие на свештениците им ја давале најдобрата „десеттина од десеттината“ (4. Мојсеева 18:26-29).

  •   Се чини дека секоја година требало да се даде уште еден десеток кој им користел и на левитите и на други луѓе (5. Мојсеева 14:22, 23). Семејствата во Израел го користеле овој десеток за време на посебни празници, а во одредени години го делеле со сиромашните (5. Мојсеева 14:28, 29; 26:12).

 Како се пресметувал десетокот? Секоја година, Израелците одвојувале десеттина од сѐ што ќе родела земјата (3. Мојсеева 27:30). Ако тие избереле да го платат десетокот со пари наместо со земјоделски производи, вредноста на десетокот морало да ја зголемат за 20 отсто (3. Мојсеева 27:31). Исто така, им било заповедано да даваат „десеттина од крупната или од ситната стока“ (3. Мојсеева 27:32).

 За да одредат десеток од стоката, Израелците го одвојувале секое десетто животно што ќе излезело од трлото. Според Законот, тие не смееле да ги прегледуваат или да ги заменуваат избраните животни, ниту пак смееле да ги продадат за пари (3. Мојсеева 27:32, 33). Но, вториот десеток кој се давал за годишните празници можел да се продаде за пари. Тоа многу им користело на Израелците кои требало да поминат долг пат за да присуствуваат на празниците (5. Мојсеева 14:25, 26).

 Кога Израелците давале десеток? Тоа го правеле секоја година (5. Мојсеева 14:22). Исклучок била секоја седма година. Таа година била сабатна година, односно година за одмор во која Израелците не ја обработувале земјата (3. Мојсеева 25:4, 5). Поради тие посебни околности, таа година не се собирал десеток. Секоја трета и шеста година, во циклус од седум, Израелците го делеле вториот десеток со сиромашните и со левитите (5. Мојсеева 14:28, 29).

 Која била казната ако некој не дал десеток? Во Мојсеевиот закон не била пропишана казна за тоа. Давањето десеток било морална обврска. Израелците требало да изјават пред Бог дека дале десеток и да го замолат да ги благослови поради тоа (5. Мојсеева 26:12-15). Ако некој не дал десеток, Бог гледал на тоа како тој да краде од него (Малахија 3:8, 9).

 Дали давањето десеток било претежок товар? Не. Бог им ветил на Израелците дека, ако му даваат десеток, тој ќе го излеел врз нив неговиот благослов и ништо немало да им недостига (Малахија 3:10). Од друга страна, тие страдале кога не давале десеток. Израелците го губеле Божјиот благослов и не извлекувале корист од работата на свештениците и левитите, кои не можеле да се посветат на службата за Бог бидејќи морале сами да се грижат за своите материјални потреби (Неемија 13:10; Малахија 3:7).

Давањето десеток во „Новиот завет“

  Додека Исус живеел на Земјата, од Божјите слуги сѐ уште се барало да даваат десеток. Но, по Исусовата смрт, ова барање повеќе не важело.

Во времето на Исус

 Во делот од Библијата кој е познат како „Нов завет“, пишува дека, додека Исус бил на Земјата, Израелците продолжиле да даваат десеток. Тој потврдил дека тие се должни да даваат десеток, но ги осудил верските водачи кои совесно плаќале десеток, а „го [занемариле] она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста!“ (Матеј 23:23).

По смртта на Исус

 Откако Исус умрел, Бог повеќе не барал да се дава десеток. Со жртвената смрт на Исус, престанал да важи Мојсеевиот закон, вклучувајќи ја и заповедта да се „собираат десеттини од народот“ (Евреите 7:5, 18; Ефешаните 2:13-15; Колошаните 2:13, 14).

a Во еден речник пишува дека десеток е „десеттина од нечиј приход кој е одвоен за некоја посебна цел... Кога во Библијата се спомнува десеток, обично станува збор за одвојување средства за некоја религиозна цел“ (Harper’s Bible Dictionary, страница 765).