Што вели Библијата за грижата околу остарените родители?
Возрасните деца имаат важна одговорност — да се грижат за потребите на своите остарени родители. Библијата вели дека возрасните деца треба „својата вера да ја покажат со дела така што ќе се грижат за своето семејство и со тоа ќе им возвраќаат на своите родители... бидејќи тоа е прифатливо за Бог“ (1. Тимотеј 5:4, New International Version). Со тоа што се грижат за нивните остарени родители, возрасните деца ѝ се послушни на библиската заповед да ги почитуваат родителите (Ефешаните 6:2, 3).
Библијата не содржи конкретни упатства околу грижата за остарените родители. Но, во неа се спомнуваат Божји слуги кои го правеле тоа и од чиј пример можеме да учиме. Во неа има и практични совети кои можат да им помогнат на оние што се грижат за остарените родители.
Како некои членови на семејството се грижеле за остарените родители во библиско време?
Тоа го правеле на различни начини во зависност од нивните околности.
Јосиф живеел далеку од неговиот остарен татко, Јаков. Кога околностите му го овозможиле тоа, Јосиф се погрижил татко му да се пресели во негова близина и му обезбедил место за живеење, храна и заштита (1. Мојсеева 45:9-11; 47:11, 12).
Рут се преселила во земјата на нејзината свекрва и трудољубиво работела за да се грижи за неа (Рут 1:16; 2:2, 17, 18, 23).
Исус, кратко пред својата смрт, му ја доверил на еден од неговите ученици грижата за мајка му Марија, која по сѐ изгледа тогаш била вдовица (Јован 19:26, 27). a
Кои практични совети од Библијата можат да им помогнат на оние што се грижат за остарените родители?
Во Библијата има начела кои можат да им помогнат на оние што се грижат за остарените родители да се справат со физичката и емоционалната исцрпеност која понекогаш ја носи таквата грижа.
Почитувај ги своите родители.
Што вели Библијата: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (2. Мојсеева 20:12).
Како може да се примени ова начело? На своите родители можеш да им покажеш дека ги почитуваш така што ќе им овозможиш да бидат самостојни онолку колку што им дозволуваат нивните ограничувања. Колку што е можно, дозволи им самите да носат одлуки во врска со грижата што им е потребна. Во исто време, направи сѐ што можеш во разумна мера за да им помогнеш.
Биди полн со разбирање и простувај.
Што вели Библијата: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (Изреки 19:11).
Како може да се примени ова начело? Ако остарениот родител каже нешто нељубезно или ако се чини дека не ја цени грижата што му ја пружаш, прашај се: „Како би се чувствувал јас доколку имав слични ограничувања или фрустрации?“ Ако се трудиш да имаш разбирање и да простуваш, можеш да спречиш некоја лоша ситуација да се влоши.
Советувај се со другите.
Што вели Библијата: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изреки 15:22).
Како може да се примени ова начело? Побарај информации за тоа како можеш да се справиш со здравствените проблеми што ги имаат твоите родители. Потруди се да дознаеш дали во вашето место се нудат некои можности за полесно и подобро да се грижиш за родителите. Разговарај со други кои се грижат за остарени родители. Ако имаш браќа или сестри, соберете се како семејство за да разговарате околу тоа кои се потребите на вашите родители, како да се грижите за нив и како да го поделите товарот.
Биди скромен.
Што вели Библијата: „Мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2).
Како може да се примени ова начело? Биди свесен за своите граници. На пример, никој нема неограничено време и сила. Тие граници влијаат врз тоа колку можеш реално да направиш за своите родители. Ако грижата за родителите премногу те исцрпува, побарај помош од другите членови на семејството или од некои стручни лица.
Грижи се за себе.
Што вели Библијата: „Никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува“ (Ефешаните 5:29).
Како може да се примени ова начело? Иако имаш одговорност да се грижиш за своите родители, треба да се грижиш и за своите потреби, како и за потребите на своето семејство ако си во брак. Важно е да внимаваш на исхраната, доволно да се одмараш и доволно да спиеш (Проповедник 4:6). Ако е можно, одвреме-навреме земи си одмор за да излезеш од рутината. Ако го правиш сето ова, ќе имаш повеќе сила во емоционален, ментален и физички поглед и ќе можеш подобро да се грижиш за своите родители.
Дали во Библијата пишува дека возрасните деца мора да се грижат за остарените родители во домашни услови?
Во Библијата нема конкретни упатства за тоа. Некои семејства одлучуваат остарените родители да живеат со нив сѐ додека тоа е можно. Но, во одреден момент можеби ќе заклучат дека домот за стари и немоќни лица е подобро решение. Семејството може да се собере и заедно да одлучи што е најдобро за сите (Галатите 6:4, 5).
a Во врска со овој извештај, во една книга пишува: „Јосиф [сопругот на Марија] веројатно веќе одамна бил мртов и нејзиниот син Исус се грижел за неа. Што ќе биде со неа по смртта на Исус?... Со својата постапка, Христос ги поучил децата да се грижат за своите остарени родители“ (The NIV Matthew Henry Commentary in One Volume, страници 428-429).