Што е Армагедон?
Што вели Библијата:
Армагедон е конечната војна меѓу човечките влади и Бог. Овие влади и сите што се на нивна страна уште сега му се противат на Бог не признавајќи го за свој владетел (Псалм 2:2). Војната Армагедон ќе им стави крај на сите човечки влади (Даниел 2:44).
Зборот „Армагедон“ се појавува само еднаш во Библијата, во Откровение 16:16. Во книгата Откровение пророчки се вели дека на „местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ ќе се соберат „царевите од целиот свет... за војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14).
Кој ќе учествува во оваа војна? Исус Христос ќе предводи една небесна војска со која ќе извојува победа над Божјите непријатели (Откровение 19:11-16, 19-21). Меѓу непријателите се оние што се противат на Божјата власт и кои гледаат со презир на Бог (Езекиел 39:7).
Дали војната Армагедон ќе се води на Блискиот Исток? Не. Војната Армагедон нема да се води на едно место, туку ќе ја зафати целата Земја (Еремија 25:32-34; Езекиел 39:17-20).
Изворниот хебрејски израз Хар Мегидон буквално значи „планината Мегидо“. Мегидо порано бил град во древниот Израел. Историјата потврдува дека во негова близина се воделе значајни битки, а некои од нив се спомнати во Библијата (Судиите 5:19, 20; 2. Царевите 9:27; 23:29). Меѓутоа, не е можно Армагедон да се однесува на дословно место во близина на древниот Мегидо. Таму нема голема планина, а дури ни целата језраелска долина која се наоѓа во негова близина не би можела да ги собере сите што ќе војуваат против Бог. Армагедон се однесува на ситуацијата што ќе владее во светот кога политичките сили за последен пат ќе му се спротивстават на Божјето владеење.
Што ќе се случува во Армагедон? Не знаеме како Бог ќе ја употреби својата моќ, но тој има на располагање „арсенал“ што го користел и порано — град, земјотреси, поројни дождови, оган и сулфур, молњи и болести (Јов 38:22, 23; Езекиел 38:19, 22; Авакум 3:10, 11; Захарија 14:12). Во збрката што ќе настане, дел од Божјите непријатели ќе се убиваат меѓу себе, но на крај сите ќе знаат дека, всушност, Бог се бори против нив (Езекиел 38:21, 23; Захарија 14:13).
Дали Армагедон е крај на светот? Нашата планета нема да биде уништена во Армагедон зашто таа е создадена за на неа луѓето да живеат вечно (Псалм 37:29; 96:10; Проповедник 1:4). Армагедон нема да значи уништување, туку спас за човечкиот род, бидејќи едно „големо мноштво“ Божји слуги ќе преживеат (Откровение 7:9, 14; Псалм 37:34).
Зборот „свет“ во Библијата се однесува на Земјата, но понекогаш се однесува и на човечкото општество што му се противи на Бог (1. Јованово 2:15-17). Во таа смисла, може да се каже дека Армагедон е „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3, Превод на МПЦ).
Кога ќе започне Армагедон? Во врска со „големата неволја“ што ќе води до Армагедон, Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:21, 36). Сепак, Библијата покажува дека Армагедон ќе се случи за време на невидливата присутност на Исус, која почнала во 1914 год. (Матеј 24:37-39).