Префрли се на текстот

Дали животните одат на небото?

Дали животните одат на небото?

Што вели Библијата:

 Библијата ни кажува дека од сите живи суштества на Земјата, само одреден број луѓе се избрани да одат на небото (Откровение 14:1, 3). Тие на небото ќе владеат со Исус како цареви и свештеници (Лука 22:28-30; Откровение 5:9, 10). Додека, пак, поголемиот број од луѓето ќе воскреснат за да живеат во рајот на Земјата (Псалм 37:11, 29).

 Никаде во Библијата не е спомнато дека после смртта домашните миленичиња одат на небото. Тоа е така од една многу важна причина. За да може некој да добие „небесен позив“ мора да исполни одредени услови (Евреите 3:1). На пример, потребно е да стекне знаење за Бог, да покажува вера во него и да биде послушен на неговите заповеди (Матеј 19:17; Јован 3:16; 17:3). Животните не можат да ги исполнат овие услови. Само луѓето се создадени со можност да живеат засекогаш (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:22, 23).

 За некој да оди на небото, најпрво треба да умре, а потоа да биде воскреснат (1. Коринќаните 15:42). Во Библијата се спомнати неколку воскресенија (1. Царевите 17:17-24; 2. Царевите 4:32-37; 13:20, 21; Лука 7:11-15; 8:41, 42, 49-56; Јован 11:38-44; Дела 9:36-42; 20:7-12). Но, во сите нив станува збор за луѓе, а не за животни.

 Дали животните имаат душа?

 Не. Библијата ни кажува дека и животните и луѓето се души (4. Мојсеева 31:28). Кога бил создаден првиот човек, Адам, нему не му била дадена душа, туку тој станал жива душа (1. Мојсеева 2:7). Душата се состои од две работи: земен прав и здив на животот.

 Дали душата умира?

 Да. Библијата кажува дека душата умира (3. Мојсеева 21:11, фуснота; Езекиел 18:20). Кога ќе умрат, и животните и луѓето се враќаат во земниот прав (Проповедник 3:19, 20). Со други зборови, тие веќе не постојат. a

 Дали животните грешат?

 Не. Кога некој греши, всушност, размислува на погрешен начин, развива желба кон нешто што е неисправно или, пак, прави нешто што е погрешно. Грев може да направи само оној што има способност да одлучува што е исправно, а што не. Животните ја немаат таа способност. Во текот на својот ограничен живот, тие главно се водат според инстинкт (2. Петрово 2:12). Иако не грешат, на крајот од својот животен век умираат.

 Дали е во ред да се малтретираат животните?

 Не. Бог им дал на луѓето право да владеат над животните, но не им дал право да ги малтретираат (1. Мојсеева 1:28; Псалм 8:6-8). Бог се грижи за секое животно, па дури и за малите птици (Јона 4:11; Матеј 10:29). На своите слуги им заповедал со животните да постапуваат внимателно и обѕирно (2. Мојсеева 23:12; 5. Мојсеева 25:4; Изреки 12:10).

a Нешто повеќе можеш да најдеш во 6. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?