Дали учењето „еднаш спасен, засекогаш спасен“ е во склад со Библијата?
Што вели Библијата:
Учењето „еднаш спасен, засекогаш спасен“ не се темели на Библијата. Некој што покажал вера во Исус Христос и бил спасен, може да ја изгуби својата вера, а со тоа и спасението. Библијата вели дека треба силно да се бориме за верата, односно да вложуваме голем труд (Јуда 3, 5). На првите христијани, кои веќе го имале прифатено Христос, им било речено: „Работете на своето спасение со страв и трепет“ (Филипјаните 2:12).
Библиски стихови кои потврдуваат дека учењето „еднаш спасен, засекогаш спасен“ не е точно
Библијата предупредува дека, ако некој направи сериозен грев, би можел да ја изгуби предноста да влезе во Божјето Царство (1. Коринќаните 6:9-11; Галатите 5:19-21). Доколку е точно учењето дека спасението не може да се изгуби, тогаш ваквото предупредување би било бесмислено. Библијата покажува дека некој што бил спасен може да го изгуби своето спасение доколку повторно почне да прави сериозни гревови. На пример, во Евреите 10:26 пишува: „Ако намерно грешиме, откако добро ја запознавме вистината, повеќе не ни преостанува жртва за гревови“ (Евреите 6:4-6; 2. Петрово 2:20-22).
Исус нагласил колку е важно да внимаваме да не ја изгубиме верата така што кажал една споредба. Себеси се споредил со лоза, а своите следбеници со прачките на таа лоза. Некои од следбениците во почетокот ќе покажеле вера во Исус со своите плодови, односно со своите дела, но потоа ќе престанеле да го прават тоа. Затоа, како што кажал Исус, ќе биле исфрлени како бескорисни прачки, односно ќе го изгубеле своето спасение (Јован 15:1-6). И апостол Павле кажал слична споредба со која покажал дека секој христијанин што нема да остане верен ќе биде „отсечен“ (Римјаните 11:17-22).
На христијаните им е заповедано да бдеат (Матеј 24:42; 25:13). Оние што заспиваат духовно така што ги прават „делата на темнината“ или, пак, не го извршуваат сето она што Исус го заповедал, го губат своето спасение (Римјаните 13:11-13; Откровение 3:1-3).
Многу стихови покажуваат дека оние што биле спасени мора да бидат истрајни и да останат верни до крај (Матеј 24:13; Евреите 10:36; 12:2, 3; Откровение 2:10). Кога христијаните од првиот век слушнале дека нивните соверници сѐ уште биле истрајни во верата, многу се израдувале (1. Солуњаните 1:2, 3; 3. Јованово 3, 4). Зошто Библијата би ја истакнала истрајноста во верата ако секој може да се спаси, без разлика дали истрајал или не?
Апостол Павле рекол дека неговото спасение е сигурно дури кога му било јасно дека го очекува смрт (2. Тимотеј 4:6-8). Но, некое време пред тоа кажал дека би можел да го изгуби своето спасение доколку се поведе по телесните желби. Тој напишал: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб, за да не бидам самиот отфрлен откако им проповедав на другите“ (1. Коринќаните 9:27; Филипјаните 3:12-14).