Што е огненото езеро?
Што вели Библијата:
Во Библијата изразот ,огнено езеро‘ се користи како симбол за вечно уништување. Во неа се спомнува уште еден симболичен израз кој претставува вечно уништување — „геена“. Овие два изрази имаат исто значење.
Не станува збор за дословно езеро
Петте библиски стихови во кои се спомнува „огненото езеро“ покажуваат дека овој израз има симболично значење и дека не се однесува на некое дословно езеро (Откровение 19:20; 20:10, 14, 15; 21:8). Во огненото езеро ќе бидат фрлени:
Ѓаволот (Откровение 20:10). Затоа што е духовно суштество, дословниот оган не може да му наштети (2. Мојсеева 3:2; Судиите 13:20).
Смртта (Откровение 20:14). Бидејќи е апстрактен поим кој означува состојба на непостоење, сосема е јасно дека таа не може дословно да гори (Проповедник 9:10).
„Ѕверот“ и „лажниот пророк“ (Откровение 19:20). И двата изрази имаат симболично значење. Затоа разумно е да заклучиме дека и езерото во кое ќе бидат фрлени има симболично значење (Откровение 13:11, 12; 16:13).
Симбол за вечно уништување
Во Библијата пишува дека ,огненото езеро ја претставува втората смрт‘ (Откровение 20:14; 21:8). Изразот „втората смрт“ покажува дека оваа смрт се разликува од смртта која се спомнува на почетокот од Библијата и која е последица на гревот на Адам. Смртта што сме ја наследиле од нашиот прататко нема засекогаш да го зема својот данок. Бог ќе ги воскресне оние што се починати и така ќе ги ослободи од нејзините окови, а на крајот ќе извојува целосна победа над овој суров непријател на човештвото (1. Коринќаните 15:21, 22, 26).
Никој не може да се врати од симболичното огнено езеро
По што се разликува „втората смрт“ од онаа која е последица од Адамовиот грев? И „втората смрт“ означува состојба на непостоење, но вреди да се забележи дека по неа нема воскресение. Од Библијата дознаваме дека Исус ги има „клучевите од смртта и од гробот“. Тоа покажува дека тој има власт да ги воскресне оние што умреле поради наследениот грев од Адам (Откровение 1:18; 20:13). Меѓутоа, никој нема клучеви од огненото езеро, дури ни Исус. Библијата вели дека оние што ќе бидат фрлени во тоа симболично езеро „ќе бидат казнети со вечно уништување“ (2. Солуњаните 1:9).
Геена — уште еден симбол за вечно уништување
Во Библијата, изразот „геена“ се спомнува 12 пати. Исто како огненото езеро и таа е симбол за вечно уништување. Иако многу преведувачи на Библијата го преведуваат зборот геена со „пекол“ (на хебрејски шеол, а на грчки а́дис), овие два изрази немаат исто значење.
Изразот „геена“ буквално значи „долината на Еном“. Оваа долина се наоѓала надвор од ѕидините на Ерусалим и во библиски времиња се користела како место за горење на ѓубрето. Таму постојано горел оган, а ѓубрето кое останувало неуништено од огнот го јаделе црви.
Исус го употребил изразот „геена“ како симбол за вечно уништување (Матеј 23:33). Тој рекол дека во геената „црвите не умираат и огнот не гасне“ (Марко 9:47, 48). Кога го кажал ова, ги имал на ум долината на Еном и пророштвото од Исаија 66:24, кое гласи: „Ќе заминуваат и ќе ги гледаат труповите на луѓето што ми грешеле, зашто црвите на нив нема да умрат и нивниот оган нема да угасне“ (Исаија 66:24). Бидејќи во стихот пишува дека црвите и огнот уништуваат ,трупови на луѓе‘, а не живи луѓе, логично е да заклучиме дека Исус не зборувал за мачење, туку за потполно уништување.
Во Библијата никаде не пишува дека некој може да се врати од геената. Според сето ова, „огненото езеро“ и „геената“ се однесуваат на потполно, вечно уништување (Откровение 20:14, 15; 21:8; Матеј 18:9).
Во која смисла „ќе бидат мачени дење и ноќе во сета вечност“?
Ако огненото езеро е симбол за уништување, зошто Библијата вели дека Ѓаволот, ѕверот и лажниот пророк „ќе бидат мачени дење и ноќе во сета вечност“? (Откровение 20:10). Да разгледаме четири причини зошто можеме да бидеме сигурни дека во овој стих не се зборува за дословно мачење.
За да биде вечно мачен, Ѓаволот ќе мора да живее вечно. Но, Библијата вели дека тој ќе биде уништен (Евреите 2:14).
Вечниот живот е дар од Бог, а не казна (Римјаните 6:23).
Ѕверот и лажниот пророк се симболични поими и затоа не можат дословно да бидат мачени.
Библијата укажува на тоа дека Ѓаволот ќе биде мачен во таа смисла што ќе биде вечно уништен.
Зборот кој во Библијата се преведува со „мачење“ може да се преведе и со изразот „ограничување на слободата“. На пример, грчкиот збор за „мачители“ кој се користи во Матеј 18:34 во многу преводи е преведен со „темничари“. Со тоа појасно се гледа поврзаноста на изразите „мачење“ и „ограничување на слободата“. Слично, и извештаите од Матеј 8:29 и Лука 8:30, 31, во кои се опишува еден ист настан, покажуваат дека демоните ќе бидат мачени во таа смисла што ќе бидат фрлени во бездна — симболично место кое укажува на потполна неактивност или смрт (Римјаните 10:7; Откровение 20:1, 3). Освен тоа, во библиската книга Откровение во неколку стихови поимот „мачење“ се користи во симболична смисла (Откровение 9:5; 11:10; 18:7, 10).