Дали навистина постои Ѓавол?
Што вели Библијата:
Да. Тој е вистинска личност. Библијата го нарекува „владетелот на светот“. Ѓаволот е духовно суштество кое станало злобно и се побунило против Бог (Јован 14:30; Ефешаните 6:11, 12). Во Библијата Ѓаволот е опишан со неколку имиња:
Сатана, што значи „Противник“ (Јов 1:6).
Ѓавол, што значи „Клеветник“ (Откровение 12:9).
Змија, што во библиска смисла значи „Измамник“ (2. Коринќаните 11:3).
Искушувач (Матеј 4:3).
Лажливец (Јован 8:44).
Ѓаволот не е злото во луѓето
Некои мислат дека Сатана Ѓаволот е злото што се крие во секој од нас. Но, во Библијата е запишан еден разговор меѓу Бог и Сатана кој покажува дека тоа не е вистина. Од Библијата дознаваме дека во Бог нема ни трошка зло затоа што е совршен. Тогаш, како е можно Бог да зборува со злото во себе? (5. Мојсеева 32:4; Јов 2:1-6). Освен тоа, Сатана зборувал ѝ со Исус, кој исто така е совршен (Матеј 4:8-10; 1. Јованово 3:5). Значи, Библијата покажува дека Ѓаволот е вистинска личност, а не само олицетворение на злото.
Дали треба да нѐ изненади тоа што многумина не веруваат дека постои Ѓавол? Воопшто не. Библијата вели дека Сатана се служи со измама за да ги оствари своите цели (2. Солуњаните 2:9, 10). Една од најголемите измами на Сатана е дека тој самиот не постои. Ѓаволот навел многу луѓе да поверуваат во оваа лага (2. Коринќаните 4:4).
Уште некои заблуди за Ѓаволот
Заблуда: Луцифер е друго име за Ѓаволот.
Вистина: Хебрејскиот збор кој во некои Библии е преведен со „Луцифер“ значи „ти што светиш“ (Исаија 14:12). Контекстот на овој стих покажува дека овој израз се однесува на династијата вавилонски цареви што Бог требало да ги понижи поради нивната горделивост (Исаија 14:4, 13-20). Изразот „ти што светиш“ се користел како потсмев за падот на оваа династија.
Заблуда: Сатана е Божји слуга кој ги искушува луѓето за да му помогне на Бог да им суди.
Вистина: Ѓаволот не му е слуга на Бог, туку непријател. Тој им се противи и лажно ги обвинува луѓето што му служат на Бог (1. Петрово 5:8; Откровение 12:10).