Префрли се на текстот

Кое е потеклото на Ноќта на вештерките?

Кое е потеклото на Ноќта на вештерките?

Што вели Библијата:

 Ноќта на вештерките, празник кој многумина го слават на 31 октомври секоја година, не се спомнува во Библијата. Меѓутоа, потеклото на овој празник и обичаите поврзани со него покажуваат дека тој не е во склад со библиските учења.

Во оваа статија:

 Потеклото и обичаите на Ноќта на вештерките

  •   Сауин (Samhain): Ноќта на вештерките влече корени од овој „древен пагански празник што Келтите го славеле пред повеќе од 2.000 години“, стои во една енциклопедија (The World Book Encyclopedia). „Келтите верувале дека за време на Сауин мртвите доаѓале меѓу живите и дека живите можеле да комуницираат со нив.“ (Види „ Зошто се нарекува Ноќ на вештерките?“)

  •   Маски, костими и слатки: Според една книга која зборува за Ноќта на вештерките, некои Келти носеле морничави костими за духовите што шетаат меѓу живите да мислат дека и тие се духови и да не ги вознемируваат. Други им нуделе слатки на духовите за да ги смират. a

     Во средновековна Европа, католичките свештеници ги усвоиле локалните пагански обичаи и ги терале верниците да одат од куќа до куќа облечени во костими и да бараат мали дарови.

  •   Духови, вампири, врколаци, вештерки и зомбија: Овие суштества уште од многу одамна се поврзуваат со светот на злите духовни сили. Во една книга тие се наречени „натприродни чудовишта“ и за нив се вели дека се „тесно поврзани со смртта, со мртвите или со стравот од смртта“ (Halloween Trivia).

  •   Фенери од тикви: Во средновековна Британија, луѓе „оделе од куќа до куќа и барале храна, а за возврат ветувале дека ќе се молат за мртвите“. Носеле „фенери од издлабени репи во кои имало свеќа која ја претставувала душата заробена во чистилиште“ (Halloween​ — From Pagan Ritual to Party Night). Некои историчари сметаат дека ваквите фенери се користеле за да се бркаат злите духови. Во 19 век во Северна Америка наместо репи почнале да се користат тикви бидејќи ги имало во изобилство и полесно можеле да се длабат и обликуваат.

 Дали е важно потеклото на Ноќта на вештерките?

 Да. Иако за некои Ноќта на вештерките е безопасна забава, обичаите поврзани со овој празник се во спротивност со библиските учења. Тој се темели на лажни верувања за мртвите и за невидливите духови, односно демони.

 Забележи ги следниве стихови кои покажуваат како Бог гледа на верувањата поврзани со Ноќта на вештерките:

  •   „Кај тебе нека не се најде... некој што повикува духови... ни некој што ги прашува мртвите“ (5. Мојсеева 18:10-12).

     Значење: Бог не одобрува кога некој се обидува да стапи во контакт со мртвите ниту, пак, кога некој се преправа дека е во контакт со оние што починале.

  •   „Мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5).

     Значење: Бидејќи не се свесни за ништо, мртвите не можат да комуницираат со живите.

  •   „Не сакам вие да имате нешто заедничко со демоните. Не можете да ја пиете чашата на Јехова и чашата на демоните“ (1. Коринќаните 10:20, 21).

     Значење: Оние што сакаат да ја имаат Божјата наклоност не смеат да имаат каков и да било контакт со демоните.

  •   „[Спротивставете им се] на Ѓаволовите сплетки. Зашто, ние... се бориме... против злите духовни сили“ (Ефешаните 6:11, 12).

     Значење: Треба да им се спротивставиме на злите духовни сили, а не да имаме празници во нивна чест.

a Види во книгата Halloween: An American Holiday, an American History, страница 4.