Дали учењето за реинкарнација се темели на Библијата?
Што вели Библијата:
Не. Во Библијата не се спомнува ниту зборот „реинкарнација“ ниту концептот за реинкарнација. Верувањето во реинкарнација се темели на учењето дека душата е бесмртна. a Меѓутоа, Библијата учи дека душата го претставува самиот човек и дека таа умира (1. Мојсеева 2:7; Езекиел 18:4). Кога човекот ќе умре, тој престанува да постои (1. Мојсеева 3:19; Проповедник 9:5, 6).
Која е разликата помеѓу реинкарнација и воскресение?
Библиското учење за воскресение не се темели на учењето дека душата е бесмртна. При воскресението, луѓето кои умреле ќе бидат вратени во живот преку Божјата моќ (Матеј 22:23, 29; Дела 24:15). Учењето за воскресение дава прекрасна надеж дека мртвите повторно ќе живеат на Земјата, која ќе биде обновена, со можност никогаш повторно да не умрат (2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4).
Погрешни мислења во врска со реинкарнацијата и Библијата
Погрешно мислење: Библијата вели дека пророкот Илија се реинкарнирал во Јован Крстител.
Вистина: Бог прорекол: „Ви го праќам пророкот Илија“, а Исус кажал дека Јован Крстител го исполнил ова пророштво (Малахија 4:5, 6; Матеј 11:13, 14). Сепак, ова не значи дека Илија се реинкарнирал во Јован Крстител. Самиот Јован рекол дека тој не е Илија (Јован 1:21). Всушност, Јован вршел задача слична на задачата на Илија — ја објавувал Божјата порака која содржела повик за покајание (1. Царевите 18:36, 37; Матеј 3:1). Освен тоа, Јован бил „полн со дух и со сила како Илија“ (Лука 1:13-17).
Погрешно мислење: Со изразот „повторно родени“ Библијата укажува на реинкарнација.
Вистина: Библијата покажува дека повторното раѓање се однесува на повторно раѓање во духовна смисла кое настанува додека човекот е сѐ уште жив (Јован 1:12, 13). Повторното раѓање не е неизбежна последица на она што некој го правел во минатото, туку е благослов од Бог кој, на оние што го примаат, им дава посебна надеж за иднината (Јован 3:3; 1. Петрово 1:3, 4).
a Верувањето дека душата е бесмртна и дека има реинкарнација потекнува уште од древниот Вавилон. Подоцна, индиските филозофи го дефинирале учењето за карма. Според една енциклопедија, карма е „законот за причина и последица, кој вели дека она што некој го прави во сегашниот живот ќе му се одрази врз наредниот живот“ (Britannica Encyclopedia of World Religions, страница 913).