Може ли Библијата да ми помогне ако сум хронично болен?
Што вели Библијата:
Да, може. Бог се грижи за своите слуги кои се болни. За еден верен Божји слуга во Библијата пишува: „Јехова ќе го поткрепи кога ќе лежи болен в постела“ (Псалм 41:3). Ако и ти си хронично болен, следниве три работи може многу да ти помогнат:
Моли се за сила. Тоа ќе ти помогне да го добиеш „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7). Така нема да бидеш премногу загрижен и ќе имаш сила да издржиш.
Задржи ја смислата за хумор. Во Библијата пишува: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22). Смислата за хумор ќе ти помогне дури и во најтешките моменти и ќе влијае добро врз твоето здравје.
Гледај позитивно на иднината. Цврстата надеж може да ти помогне да бидеш радосен и покрај тоа што имаш хронична болест (Римјаните 12:12). Во Библијата е проречено дека ќе дојде време кога „никој од жителите [на Земјата] нема да рече: ,Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Тогаш Бог ќе ги отстрани сите хронични болести — нешто што современата медицина не може да го направи. На пример, во Библијата пишува дека остарените луѓе повторно ќе станат млади и здрави. Во Јов 33:25 стои: „Неговото тело нека стане посвежо отколку во младоста, нека се врати во деновите на својата младешка сила!“
Забелешка: Иако се свесни дека Бог на разни начини им помага на луѓето, Јеховините сведоци бараат и медицинска помош кога станува збор за хронична болест (Марко 2:17). Меѓутоа, ние не се залагаме за некој посебен начин на лекување. Сметаме дека секој лично треба да одлучи како ќе се лекува.