Што е светиот дух?
Што вели Библијата:
Светиот дух е силата со која се служи Бог (Михеј 3:8; Лука 1:35). Бог го користи својот дух така што ја пренесува својата енергија таму каде што е потребно за да го направи она што го наумил (Псалм 104:30; 139:7).
Во Библијата, хебрејскиот збор за „дух“ гласи руах, а грчкиот пневма. Најчесто овие зборови се однесуваат на Божјата сила, односно светиот дух (1. Мојсеева 1:2). Сепак, во Библијата тие се користат и со друго значење:
здив (Авакум 2:19; Откровение 13:15)
ветар (1. Мојсеева 8:1; Јован 3:8)
животна сила (Јов 34:14, 15)
нечиј нарав или став (4. Мојсеева 14:24)
духовни суштества како, на пример, Бог и ангелите (1. Царевите 22:21; Јован 4:24)
Сите овие значења укажуваат на нешто што е невидливо за човечкото око, но има видливи резултати. Еден речник го споредува Божјиот дух со „ветрот бидејќи е невидлив, нематеријален и моќен“ (An Expository Dictionary of New Testament Words, од W. E. Vine).
Освен тоа, Библијата го опишува Божјиот дух како Божји „раце“ или „прсти“ (Псалм 8:3; 19:1; Лука 11:20; спореди со Матеј 12:28). Исто како што еден мајстор ги користи своите раце и прсти додека работи, така и Бог го користел својот дух за следниве цели:
да го создаде универзумот (Псалм 33:6; Исаија 66:1, 2)
да биде запишана Библијата (2. Петрово 1:20, 21)
да им помогне на своите слуги во минатото да прават чуда и да проповедаат (Лука 4:18; Дела 1:8; 1. Коринќаните 12:4-11)
да им помогне на оние што му се послушни да стекнат убави особини (Галатите 5:22, 23)
Светиот дух не е личност
Со тоа што го нарекува Божјиот дух „раце“, „прсти“ или „здив“, Библијата покажува дека светиот дух не е личност (2. Мојсеева 15:8, 10). Рацете на мајсторот не можат да функционираат сами од себе, независно од неговиот ум и тело. Слично на тоа, Божјиот свет дух дејствува само под водство на Бог (Лука 11:13). Исто така, Библијата го споредува Божјиот дух со вода и го поврзува со вера и со знаење. Ваквите споредби покажуваат дека светиот дух не е живо суштество (Исаија 44:3; Дела 6:5; 2. Коринќаните 6:6).
Во Библијата е запишано името на Бог — Јехова, како и името на неговиот Син — Исус Христос; сепак, никаде не се спомнува дека светиот дух има име (Исаија 42:8; Лука 1:31). Пред да биде погубен поради својата вера, христијанинот Стефан добил небесно видение во кое видел само две личности, а не три. Библијата вели: „А тој, полн со свет дух, го впери погледот кон небото и ја здогледа Божјата слава и Исус како стои од десната страна на Бог“ (Дела 7:55). Стефан го добил ова видение со помош на светиот дух, односно Божјата сила.
Погрешни мислења во врска со светиот дух
Погрешно мислење: Светиот дух е личност и е дел од Тројството, како што пишува во 1. Јованово 5:7, 8 во Преводот на МПЦ.
Вистина: Во 1. Јованово 5:7, 8 во Преводот на МПЦ се вклучени и зборовите: „На небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно. И Троица се, Кои сведочат на земјата“. Сепак, истражувачите откриле дека овие зборови не ги напишал апостол Јован и според тоа не се дел од Библијата. Професорот Брус Мецгер напишал: „Овие зборови се додадени и воопшто не треба да бидат дел од Новиот Завет“ (A Textual Commentary on the Greek New Testament).
Погрешно мислење: Библијата му припишува човечки карактеристики на светиот дух, а тоа покажува дека станува збор за личност.
Вистина: Некои библиски стихови му припишуваат човечки карактеристики на светиот дух, но тоа не значи дека светиот дух е личност. Во Библијата им се придаваат вакви карактеристики и на мудроста, смртта и гревот (Изреки 1:20; Римјаните 5:17, 21). На пример, за мудроста се вели дека има „дела“ и „деца“, а за гревот се вели дека заведува, убива и предизвикува неисправни желби (Матеј 11:19; Лука 7:35; Римјаните 7:8, 11).
Кога апостол Јован ги цитирал зборовите на Исус, го нарекол светиот дух „помошник“ кој требало да покаже што е грев, да упатува, да зборува, да слуша, да објавува, да прослави и да прима. Кога се осврнал на „помошникот“, Јован користел заменка од машки род — „тој“ (Јован 16:7-15). Но, го сторил тоа бидејќи грчкиот збор за „помошник“ (параклетос) е од машки род, а според грчката граматика, во такви случаи треба да се користи лична заменка од машки род. Кога Јован се осврнал на светиот дух користејќи ја именката пневма, која е од среден род, тој ја употребил личната заменка од среден род — „тоа“ (Јован 14:16, 17).
Погрешно мислење: Тоа што се крштаваме во името на светиот дух покажува дека тој е личност.
Вистина: Понекогаш во Библијата се користи зборот „име“ за да се нагласи нечија моќ и авторитет (5. Мојсеева 18:5, 19-22; Естира 8:10). На пример, изјавата: „Во името на законот“ не значи дека законот е личност. Оној што се крстил „во името“ на светиот дух ја признава моќта и улогата на светиот дух во исполнувањето на Божјата волја (Матеј 28:19).
Погрешно мислење: Апостолите на Исус и другите први христијани верувале дека светиот дух е личност.
Вистина: Ниту Библијата ниту историјата не го потврдуваат ова мислење. Во Encyclopædia Britannica пишува: „Светиот дух бил дефиниран како божествена личност...на Вселенскиот собор во Константинопол во 381 год.“ Ова се случило повеќе од 250 години по смртта на последниот апостол.