Што значи да се биде повторно роден?
Што вели Библијата:
Изразот „повторно роден“ се однесува на нов почеток во односот помеѓу Бог и оној што се родил повторно (Јован 3:3, 7). Оние што се повторно родени, Бог ги посвојува како свои деца (Римјаните 8:15, 16; Галатите 4:5; 1. Јованово 3:1). Откако некој ќе биде законски посвоен, тој станува дел од семејството. На сличен начин, и оние што се повторно родени стануваат дел од Божјето семејство (2. Коринќаните 6:18).
Зошто некој се раѓа повторно?
Исус рекол: „Ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство“ (Јован 3:3). Според тоа, повторното раѓање е еден вид подготовка за оние што ќе владеат со Христос во Божјето Царство. Ова Царство владее од небото, па затоа Библијата вели дека преку повторното раѓање се добива наследство кое е „зачувано на небесата“ (1. Петрово 1:3, 4). Оние што се повторно родени добиваат уверување од Бог дека ќе царуваат заедно со Христос (2. Тимотеј 2:12; 2. Коринќаните 1:21, 22).
Како некој се раѓа повторно?
Кога Исус зборувал на оваа тема, рекол дека оние што се раѓаат повторно се раѓаат „од вода и дух“ (Јован 3:5). Раѓањето од вода и дух се однесува на крштавањето во вода по кое следи крштавање со свет дух (Дела 1:5; 2:1-4).
Исус е првиот што се родил повторно. Тој се крстил во реката Јордан, а потоа Бог го помазал, односно го крстил со свет дух. Со тоа Исус повторно се родил преку светиот дух како син на Бог со надеж дека пак ќе живее на небото (Марко 1:9-11). Неговата надеж се исполнила кога Бог го воскреснал како духовна личност (Дела 13:33).
На сличен начин, и други што биле повторно родени најпрво биле крстени во вода, а потоа го примиле светиот дух a (Дела 2:38, 41). На тој начин, добиле цврста надеж дека ќе живеат на небото — надеж која ќе стане реалност кога Бог ќе ги воскресне (1. Коринќаните 15:42-49).
Погрешни мислења за повторното раѓање
Заблуда: За некој да биде спасен или да стане христијанин, мора да биде повторно роден.
Вистина: Преку откупната жртва на Исус, спасение можат да добијат не само оние што се повторно родени за да владеат со Христос на небото туку и оние што ќе живеат на Земјата под власта на Божјето Царство (1. Јованово 2:1, 2; Откровение 5:9, 10). Христијаните што немаат надеж да живеат на небото ќе можат засекогаш да живеат во рајот на Земјата (Псалм 37:29; Матеј 6:9, 10; Откровение 21:1-5).
Заблуда: Повторното раѓање е личен избор.
Вистина: Секој човек може да биде во добар однос со Бог и да биде спасен (1. Тимотеј 2:3, 4; Јаков 4:8). Но, Бог е тој што избира кој ќе биде повторно роден, односно кој ќе биде помазан со свет дух. Библијата јасно кажува дека повторното раѓање „не зависи од оној што има желба, ниту од оној што се труди, туку од Бог“ (Римјаните 9:16). Изразот „повторно роден“ може да биде преведен и како „роден одозгора“, што потврдува дека оние што повторно се раѓаат се избрани „одозгора“, односно од Бог (Јован 3:3, Превод на МПЦ).
a Исклучок биле Корнелиј и оние што биле со него (Дела 10:44-48).