Со кого се оженил Каин?
Што вели Библијата:
Каин, кој бил најстарото дете на првите маж и жена, се оженил или со некоја од своите сестри или, пак, со некоја блиска роднина. До овој заклучок доаѓаме на темел на она што Библијата го кажува во врска со Каин и неговото семејство.
Некои информации за Каин и неговото семејство
Сите луѓе потекнуваат од Адам и Ева. Библијата вели: „[Бог] од еден човек [Адам] го направи целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата“ (Дела 17:26). Ева, жената на Адам, станала „мајка на сите живи“ (1. Мојсеева 3:20). Според тоа, Каин мора да стапил во брак со жена која била потомок на Адам и Ева.
Каин и неговиот брат Авел биле први од многуте деца што ѝ се родиле на Ева (1. Мојсеева 4:1, 2). Кога Каин бил протеран поради тоа што го убил својот брат, тој се жалел: „Секој што ќе ме најде сигурно ќе ме убие“ (1. Мојсеева 4:14). Од кого се плашел Каин? Библијата вели дека на Адам му се родиле „и други синови и ќерки“ (1. Мојсеева 5:4). Веројатно другите потомци на Адам и Ева претставувале опасност за Каин.
На почетокот од човечката историја, да се стапи во брак со роднина било нешто нормално. На пример, Авраам, верен слуга на Бог, се оженил со својата полусестра (1. Мојсеева 20:12). Дури со векови подоцна, Бог во Мојсеевиот закон забранил брак меѓу блиски роднини (3. Мојсеева 18:9, 12, 13). По сѐ изгледа, децата што се раѓале во почетокот на човечката историја не биле толку подложни на вродени аномалии како што тоа е случај денес.
Библијата го прикажува извештајот за Адам, Ева и нивното семејство како вистински настан. Детални родословија во кои се спомнува секое колено, сѐ до Адам, може да се најдат не само во библиската книга Прва Мојсеева туку и во записите на библиските писатели Езра и Лука (1. Мојсеева 5:3-5; 1. Летописи 1:1-4; Лука 3:38). Кога се осврнуваат на извештајот за Каин, библиските писатели го прикажуваат како вистински настан (Евреите 11:4; 1. Јованово 3:12; Јуда 11).