Што е Тората?
Што вели Библијата:
„Тора“ е хебрејски збор кој може да се преведе како „совет“, „поука“ или „закон“ a (Изреки 1:8; 3:1; 28:4). Следните примери покажуваат како овој хебрејски збор се користи во Библијата.
Изразот „тора“ честопати се однесува на првите пет книги од Библијата, од прва до петта Мојсеева. Тие се наречени и Пентатеух, грчки збор кој значи „петокнижје“. Тората ја напишал Мојсеј, па затоа е наречена и „книгата на Мојсеевиот закон“ (Исус Навин 8:31; Неемија 8:1). Очигледно, тоа во почетокот било една книга, но подоцна била поделена за да може полесно да се користи.
Изразот „тора“ се користи и за законите кои им биле дадени на Израелците за одредени работи. На пример, „законот [тора] за жртвата за грев“, „законот за лепра“ и „законот за назареецот“ (3. Мојсеева 6:25; 14:57; 4. Мојсеева 6:13).
Изразот „тора“ понекогаш означува совети или поуки, на пример од родителите, од некој мудар човек или од самиот Бог (Изреки 1:8; 3:1; 13:14; Исаија 2:3).
Што содржи Тората, односно Петокнижјето?
Запис за тоа како постапувал Бог со луѓето од моментот кога ги создал, па сѐ до смртта на Мојсеј (1. Мојсеева 1:27, 28; 5. Мојсеева 34:5).
Мојсеевиот закон (2. Мојсеева 24:3). Овој Закон се состои од преку 600 одредби. Една истакната одредба е она што е познато како молитвата Шема, која ја кажуваат многу Евреи за да покажат дека му се оддадени на Бог. Еден дел од оваа молитва гласи: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“ (5. Мојсеева 6:4-9). Исус рекол дека ова е „најголемата и прва заповед“ (Матеј 22:36-38).
Божјето име, Јехова, кое се јавува на околу 1.800 места. Тората не ја забранува употребата на Божјето име. Напротив, таа содржи заповеди според кои Божјиот народ треба да го користи Божјето име (4. Мојсеева 6:22-27; 5. Мојсеева 6:13; 10:8; 21:5).
Погрешни мислења за Тората
Погрешно мислење: Законите од Тората се вечни, никогаш нема да бидат укинати.
Вистина: Во одредени библиски преводи, за некои одредби од Тората — меѓу кои и одредбите поврзани со саботата, со свештенството, како и со Денот на очистувањето — се вели дека се вечни (2. Мојсеева 31:16; 40:15; 3. Мојсеева 16:33, 34). Сепак, хебрејскиот збор кој се користи во овие стихови може да означува неодреден период, кој не мора да трае вечно. b Околу 900 години откако стапил на сила сојузот на Законот склучен со Мојсеј, Бог прорекол дека ќе го замени овој сојуз со „нов сојуз“ (Еремија 31:31-33). Во Библијата пишува: „Кога вели ,нов сојуз‘, оној претходниот [Бог] го направи застарен“ (Евреите 8:7-13). Всушност, тој сојуз бил заменет пред околу 2.000 години на темел на смртта на Исус Христос (Ефешаните 2:15).
Погрешно мислење: Еврејските усни преданија и Талмудот се исто толку важни како и Тората.
Вистина: Ниту еден библиски запис не покажува дека Бог му дал на Мојсеј усен закон како дополнение на Тората. Напротив, Библијата вели: „Јехова понатаму му рече на Мојсеј: ,Запиши си ги тие зборови‘“ (2. Мојсеева 34:27). Усните преданија, кои подоцна биле запишани и станале познати како Мишна, со текот на времето станале основа за Талмудот. Овие преданија содржат еврејски традиции кои најпрво ги држеле фарисеите. Сепак, усните преданија честопати биле спротивни на законите од Тората. Затоа, Исус им рекол на фарисеите: „Ја обезвреднивте речта Божја поради вашето предание“ (Матеј 15:1-9).
Погрешно мислење: Жените не треба да бидат поучувани за Тората.
Вистина: Во Тората пишува дека целиот Закон треба да им се чита на сите Израелци, вклучувајќи ги и жените и децата. Зошто било потребно тоа? Библијата вели: „За да слушаат и да научат да се бојат од Јехова, [нивниот] Бог, и совесно да ги држат сите зборови на овој закон“ (5. Мојсеева 31:10-12). c
Погрешно мислење: Во Тората има скриени пораки.
Вистина: Мојсеј, кој ја напишал Тората, рекол дека пораката во неа е јасна и дека секој може да дознае за неа, а не дека е скриена или кодирана (5. Мојсеева 30:11-14). Идејата дека Тората содржи скриени пораки потекнува од Кабалата — традиционален еврејски мистицизам кој го толкува Светото писмо користејќи „лукаво измислени прикаски“ d (2. Петрово 1:16).
a Види во Revised Edition of The Strongest Strong’s Exhaustive Concordance of the Bible, шифра 8451 во делот „Hebrew-Aramaic Dictionary-Index to the Old Testament“.
b Види во Theological Wordbook of the Old Testament, том 2, стр. 672-673.
c Спротивно на тоа што го пишува во самата Тора, еврејската традиција обично им забранувала на жените да учат за Тората. На пример, во Мишната се цитира рабинот Елиезер бен Хиркан, кој рекол: „Секој што ја поучува својата ќерка за Тората, ја учи да биде бесрамна“ (Сота 3:4). Ерусалимскиот Талмуд ја содржи изјавата: „Подобро Тората да биде запалена отколку да им биде пренесена на жените“ (Сота 3:19а).
d На пример, во Encyclopaedia Judaica е наведен кабалистичкиот став кон Тората: „Тората нема некое конкретно значење, но во исто време таа означува многу различни работи на многу различни нивоа“ (Второ издание, том 11, стр. 659).