Дали Библијата може да ми помогне ако не сум задоволен од животот?
Што вели Библијата:
Да. Библијата е стара книга полна со мудрост во која се запишани одговорите на најважните прашања. Таа може да ти помогне да се чувствуваш подобро и да имаш смисла во животот. Еве некои прашања на кои Библијата дава одговор.
Дали постои Творец? Во Библијата пишува дека Бог ,создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Како наш Творец, Бог знае што ни е потребно да се чувствуваме убаво и да бидеме среќни во животот.
Дали Бог се грижи за мене? Библијата вели дека „Бог... не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Тој гледа што ти се случува и сака да бидеш задоволен од животот (Исаија 48:17, 18; 1. Петрово 5:7).
Како тоа што ќе го запознаам Бог ќе ми помогне да се чувствувам подобро? Бог нѐ создал со „духовни потреби“, односно со вродена желба да дознаеме која е смислата на животот, да го запознаеме нашиот Творец и да се зближиме со него (Матеј 5:3). Освен тоа, Бог сака и да ни помогне да станеме негови пријатели. Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8).
Милиони луѓе на своја кожа чувствуваат дека тоа што се блиски со Бог им помага да имаат подобар и поисполнет живот. Со тоа што ќе го запознаеш Бог, не значи дека сите проблеми ќе исчезнат од твојот живот. Но, мудроста запишана во Библијата може да ти помогне:
да имаш посреќен семеен живот
да бидеш во добри односи со другите
да се справиш со различни проблеми како што се: депресија, финансиски долгови и хронични болести
Многу цркви не ги темелат своите учења на Библијата. За разлика од нив, вистинските христијани ги темелат своите учења на Библијата и можат да ти помогнат да го запознаеш Бог.