Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Злоупотреба на алкохол во бракот

Злоупотреба на алкохол во бракот

 Дали твојот сопружник ти кажал дека е загрижен во врска со твоите навики на пиење? Ако да, има некои работи кои треба да ги земеш предвид.

Во оваа статија

 Злоупотребата на алкохол во бракот носи сериозни последици

 Злоупотребата на алкохол може да води до разни здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, цироза на црниот дроб и рак. Но, злоупотребата на алкохол не само што влијае штетно врз здравјето на лицето туку може да предизвика и проблеми во бракот, како што се семејно насилство, финансиски проблеми, неверство и развод.

 Во врска со злоупотребата на алкохол, во Библијата пишува: „Каснува како змија, пушта отров како отровница“ (Изреки 23:32). Како може да знаеш дали ти си зависен од алкохол?

 Дали си зависен од алкохол?

 Следниве прашања може да ти помогнат да го дознаеш одговорот:

  •   Дали ти е тешко да се контролираш колку пиеш?

  •   Дали често размислуваш за тоа кога следно би можел да пиеш?

  •   Дали пиеш и покрај тоа што алкохолот ти предизвикува проблеми во животот и во бракот?

  •   Дали имаш симптоми на одвикнување кога се обидуваш да престанеш да пиеш?

  •   Дали ти и твојот сопружник понекогаш се карате за тоа колку пиеш алкохол?

  •   Дали твоето тело може да поднесе поголеми количини алкохол за разлика од порано?

  •   Дали тајно пиеш, или пак криеш алкохол дома или на работа?

 Ако одговори со „да“ на едно или на повеќе од овие прашања, тоа може да биде показател дека си станал зависен од алкохол. Можеби имаш нарушување познато како алкохолизам.

 Немој да го негираш проблемот

 Дали твојот сопружник ти кажал дека е загрижен во врска со твоите навики на пиење алкохол? Ако да, можеби си се оправдувал или си се обидел да ја намалиш сериозноста на проблемот. Можеби си ги обвинувал другите, вклучувајќи го и твојот сопружник, и си рекол нешто, како на пример:

  •   „Ако ти се однесуваше подобро со мене, немаше да пијам.“

  •   „Ако имаше шеф како мојот, и ти ќе пиеше.“

  •   „Познавам многу луѓе кои пијат повеќе од мене.“

 Ако користиш слични изговори, размисли што покажува тоа. Можно ли е алкохолот да ти е поважен од тоа да имаш среќен брак? Што треба да ти биде поважно?

 Библиско начело: „Оженетиот се грижи... како да ѝ угоди на жената“ (1. Коринќаните 7:33).

Наместо да негираш и со тоа да градиш ѕид, направи прозорец преку кој полесно ќе ги видиш грижите на твојот сопружник

 Што може да правиш

  •   Сфати ги сериозно грижите на твојот сопружник. Дури и ако сопружникот е претерано чувствителен во врска со тоа што пиеш алкохол, зошто сепак не направиш некои промени? Ако не можеш да направиш промени и ако продолжиш да пиеш иако знаеш дека твојот сопружник е загрижен, тоа може да биде знак дека имаш проблем со алкохолот.

     Библиско начело: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

  •   Информирај се. За да победи во една битка, еден војник треба да ги знае тактиките на непријателот. Ти си во слична ситуација — за да го победиш твојот непријател, треба да научиш нешто повеќе за алкохолизмот и за тоа како луѓето паѓаат во негова замка. Исто така, треба да дознаеш што треба да правиш за да престанеш со оваа зависност и никогаш повторно да не се навратиш на навиката да пиеш.

     Библиско начело: „[Треба] да се воздржувате од желбите на телото, бидејќи тие војуваат против душата“ (1. Петрово 2:11).

  •   Побарај помош. Постојат голем број можности за лекување на алкохолизмот, вклучувајќи програми за одвикнување, центри за одвикнување и болници. Исто така, може да разговараш со некој зрел пријател кој ќе ти помогне да увидиш дали постојат и други причини кои прават да бидеш зависен од алкохол. А кога ќе бидеш на искушение повторно да почнеш да пиеш, побарај помош од тој пријател.

    Размисли дали би било добро да побараш стручна помош

     Библиско начело: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

 Злоупотребата на алкохол е сложен проблем кој не може да се реши со читање на една кратка статија, ниту пак да се победи со тоа што ќе се каже: „Ќе се обидам да пијам помалку“. Сепак, треба да бидеш свесен дека начинот на кој се справуваш со овој проблем ќе влијае не само на твоето физичко здравје туку и на твојот брак.

 Нешто повеќе: Прочитај ги следниве статии за да видиш што им помогнало на некои други да го победат алкохолизмот.

 Повеќе не сум суров човек

 Повеќе не се срамам од себеси

 Улицата ми беше дом

 Можеш да го гледаш и видеоклипот Ми се смачи од животот што го водев