СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК
Позитивната страна на особините што те нервираат
Ти сакаш спонтано да ги правиш работите; твојот сопружник сака сѐ да биде испланирано.
Ти си тивка и повлечена личност; твојот сопружник е екстроверт кој ужива да биде меѓу луѓе.
Дали твојот сопружник има некоја особина што те нервира? Ако постојано размислуваш за таа особина, тоа може да му наштети на твојот брак. Библијата со право вели дека оној што „постојано зборува за [престапот], ги раздвојува блиските пријатели“ (Изреки 17:9).
Наместо да дозволиш особината што те нервира да предизвика кавга меѓу тебе и твојот сопружник, би можел да научиш да гледаш на таа особина од позитивната страна.
Во оваа статија
Позитивната страна на особините што те нервираат
Особината која те нервира кај твојот сопружник можеби е поврзана со некоја особина што ти се допаѓа. Да наведеме три примери:
„Мојот сопруг честопати е бавен кога треба да заврши нешто или кога се подготвува да оди некаде. Но истата таа особина му помага да биде стрплив — дури и со мене. Понекогаш ме нервира што е бавен, но тоа е и поврзано со она што го сакам кај него“ (Челси).
„Жена ми ги планира работите до најситен детаљ; таа сака да има сѐ под контрола, а тоа некогаш ми оди на живци. Од друга страна, тоа што обрнува внимание на детали значи дека никогаш не ги препушта работите на случајноста“ (Кристофер).
„Маж ми понекогаш изгледа дека е незаинтересиран, што ме фрустрира. Во исто време, тоа што опуштено ги врши работите е една од особините кои ме привлекоа кај него. Се восхитувам што може да остане смирен во стресни ситуации“ (Даниела).
Како што сфатиле Челси, Кристофер и Даниела, јаките страни и слабостите кај сопружникот честопати се различни аспекти од една иста особина. Кога тоа е случај, не можеш да ја отстраниш слабоста без истовремено да ја отстраниш и јаката страна, исто како што не можеш да отстраниш само една страна од една паричка.
Се разбира, некои особини немаат позитивна страна. На пример, Библијата ни кажува дека некои луѓе се склони кон гнев (Изреки 29:22). Во тој случај, едно лице треба да даде сѐ од себе за да ја отстрани „сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ a (Ефешаните 4:31).
Но, кога станува збор за особина која едноставно тебе те нервира, примени го библискиот совет: „Поднесувајте се еден со друг... ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).
Освен тоа, труди се да ја видиш позитивната страна на таа особина — нешто што можеби првично и те привлекло кај твојот сопружник. Еден сопруг по име Џозеф вели: „Да се фокусираш на една особина што те нервира е како да ги забележуваш острите рабови на еден дијамант, но не обрнуваш внимание на неговата убавина“.
За што да разговарате
Најпрво, секој од вас нека размисли за следниве прашања, а потоа заедно разговарајте за нив.
Дали твојот сопружник има особина што сметаш дека предизвикува несогласувања во бракот? Ако да, која е таа особина?
Дали таа особина е навистина толку лоша или само те нервира?
Дали таа особина има позитивна страна? Ако да, која е таа, и зошто го цениш тој аспект од личноста на твојот сопружник?
a Види ги статиите „Како да го држиш гневот под контрола“, „Како да прекинете со навредите“ и „Како да престанат кавгите“.