СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Дали да го запишам моето дете во градинка?
Некои родители кои работат одлучуваат да ги запишат своите деца во градинка. Дали тоа би било добро и за твоето дете?
Што треба да се прашаш
Дали тоа ќе влијае негативно на врската меѓу мене и детето? Тоа би можело да се случи. Во текот на првите години од животот, мозокот на детето се развива многу брзо и тогаш, всушност, учи како да се однесува со другите. Труди се колку што е можно повеќе да бидеш со твоето дете во текот на овој важен период кој може да изврши влијание врз целиот негов живот (5. Мојсеева 6:6, 7).
Родителите кои се прашуваат дали да го запишат своето дете во градинка треба да размислат како ќе зачуваат близок однос со него.
Дали тоа ќе го намали влијанието што го имам врз детето? Тоа би можело да се случи. Во една книга пишува дека „колку повеќе време децата на претшколска возраст поминуваат едни со други, толку повеќе се под влијание на своите врсници“ (Hold On to Your Kids).
Родителите кои се прашуваат дали да го запишат своето дете во градинка треба да размислат дали и понатаму ќе имаат најголемо влијание во неговиот живот.
Дали градинката ќе му помогне на моето дете да биде подобар ученик кога ќе тргне на училиште? Некои мислат дека тоа ќе им помогне на децата. Други сметаат дека тоа што детето ќе оди во градинка ќе има само мало или речиси никакво влијание врз неговиот развој. Во врска со ова, детскиот психолог Пенелопе Лич го напишала следново: „Немојте да мислите дека ’образованието‘ кое детето ќе го стекне на училиште е клучно за да успее во животот и дека колку порано тргне на училиште, толку подобро. Ако мислите така, тогаш го потценувате ’образованието‘ кое вие му го пренесувате уште од неговото раѓање“.
Родителите кои се прашуваат дали да го запишат своето дете во градинка треба да размислат дали тоа навистина ќе му користи, па дури и дали тоа е неопходно.
Дали постои можност само едниот од нас да работи а другиот да биде дома со детето? Понекогаш, и двајцата родители работат само за да може семејството да има повисок животен стандард. Но, дали навистина вреди поради тоа да се жртвуваат некои поважни работи?
Родителите кои се прашуваат дали да го пуштат своето дете во градинка треба да размислат дали би можеле да ги намалат трошоците за да може едниот од нив да биде дома.
Одлуката дали да го запишеш твоето дете во градинка треба да ја донесеш само откако внимателно ќе размислиш за позитивните и негативните страни. Откако ќе го направиш ова, што ако заклучиш дека сепак треба да го пуштиш детето во градинка?
Што можеш да направиш
Во Библијата пишува дека „паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Имајќи го на ум ова начело, внимателно размисли пред да одлучиш кому ќе му ја довериш грижата за твоето дете.
Информирај се кои опции ти стојат на располагање
Некои родители одлучуваат да го пратат своето дете во градинка во која една или неколку воспитувачки се грижат за помала група деца.
Други родители одлучуваат нивното дете да го чува некој член од семејството, или пак дадилка.
Сите опции имат добри и лоши страни. Би можел да зборуваш со родители кои веќе донеле таква одлука. Библијата вели: „Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“ (Изреки 13:10).
Што ако се одлучиш за градинка? Во тој случај...
Дознај нешто повеќе за градинката
Дали има дозвола за работа и на каков глас е?
Дали во неа се одржува висока хигиена и дали е безбедна?
Какви активности обезбедува за децата? a
Дознај нешто повеќе за оние што ќе се грижат за твоето дете
Какви квалификации и обука имаат? На пример, дали се обучени да работат со мали деца и да пружат прва помош?
На каков глас се?
Дали персоналот често се менува? Тоа би значело дека детето би морало постојано да се приспособува на нови негуватели или воспитувачи.
За колку деца се грижи еден воспитувач? Ако еден воспитувач треба да се грижи за многу деца, тогаш твоето дете можеби нема да добие онолку внимание колку што му е потребно. Се разбира, колку внимание ќе му биде потребно на твоето дете зависи од неговата возраст и способности.
Дали воспитувачите се спремни да разговараат со тебе за твоите или за нивните грижи околу воспитувањето на детето?
a На пример, дали детето ќе поминува многу време пред телевизор или ќе учествува во активности кои придонесуваат за неговиот умствен и физички развој?