Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Како да покажуваш љубов во бракот

Како да покажуваш љубов во бракот

 Како што си минуваат годините, некои брачни двојки сѐ поретко си покажуваат дека се сакаат еден со друг. Ако ова е случај и во вашиот брак, дали треба да бидете загрижени?

 Што треба да знаеш

 Љубовта е неопходна за цврст брак. Исто како што е потребно редовно да јадеме и да пиеме вода за да имаме сила и да бидеме здрави, потребно е и редовно да си покажуваме љубов за нашиот брак да биде цврст. Дури и по многу години заеднички живот, и мажите и жените имаат потреба нивниот брачен другар често да им покажува љубов и грижа.

 Вистинската љубов е несебична. Оној што вистински го сака другиот, сака да го усреќи. Затоа, наместо да покажува љубов само кога има желба за тоа, оној што е обѕирен забележува кога неговиот сопружник има потреба да се чувствува сакан и прави сѐ за да го увери во тоа.

 Општо земено, жените имаат поголема потреба од изрази на љубов отколку мажите. Можеби мажот многу ја сака својата жена, но ако тоа го покажува само на почетокот и на крајот од денот или, пак, само пред да имаат сексуални односи, тогаш жената може да се чувствува несакано. Многу подобро е да ја покажува својата љубов повеќе пати во текот на денот.

 Што можеш да направиш

 Изразувај ја својата љубов со зборови. Само неколку едноставни зборови како, на пример, „те сакам“ или „многу ми значиш“, можат да му покажат на твојот брачен другар дека е сакан и ценет.

 Библиско начело: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34).

 Предлог: Своите чувства можеш да ги изразиш и на друг начин — да напишеш писменце, имејл или порака.

 Покажувај ја својата љубов со дела. Една прегратка, бакнеж или држење за рака можат да покажат дека твоите зборови „те сакам“ не се само празни зборови. Наклоност може да се покаже и со нежен допир, поглед полн со љубов или одвреме-навреме со некој подарок. Освен тоа, би можел да направиш и нешто практично за својата сопруга, на пример, да ги носиш тешките торби, да ѝ отвориш врата, да измиеш садови, да испереш алишта или да зготвиш нешто. За многу сопруги, тоа не е само практична помош — тоа е љубов на дело!

 Библиско начело: „Да не се сакаме [само] со зборови или со јазик, туку со дела“ (1. Јованово 3:18, Превод на МПЦ).

 Предлог: Биди обѕирен кон својот брачен другар исто како кога бевте во врска.

 Одвојувајте си време еден за друг. Кога поминуваш време со својот брачен другар, му покажуваш дека ти е убаво кога си со него, и се зајакнува вашиот брак. Се разбира, можеби ќе ви биде потешко да најдете време за вас двајцата ако имате деца или ако имате многу обврски во текот на денот. Меѓутоа, би можеле да си испланирате нешто едноставно како, на пример, само вие двајцата да одите на прошетка.

 Библиско начело: „Да можете да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10).

 Предлог: Некои брачни другари кои се доста зафатени редовно си одвојуваат време за да излезат навечер заедно или да имаат романтичен викенд.

 Добро запознај го својот сопружник. Луѓето се разликуваат во поглед на тоа како сакаат да им се покажува љубов и наклоност. Разговарајте за тоа како секој од вас сака другиот да му покажува љубов и дали треба да го прави тоа во уште поголема мера. Потоа, давај сѐ од себе за да ги исполниш очекувањата на својот брачен другар. Не заборавај дека љубовта е неопходна за цврст брак.

 Библиско начело: „Љубовта... не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5).

 Предлог: Наместо само да очекуваш брачниот другар да ти покажува повеќе љубов, прашај се: „Што можам јас да направам за да ме сака повеќе?“