СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА
Што да правам ако моето дете го малтретираат на училиште?
Твоето дете ти кажува дека го малтретираат на училиште. Што би можел да направиш? Да бараш од одговорните во училиштето да го казнат оној што го малтретира? Да го научиш детето како да му врати? Пред да одлучиш што да направиш, разгледај некои факти за малтретирањето.
Што треба да знам за малтретирањето?
Што е малтретирање? Малтретирање е постојано и намерно физичко или емоционално вознемирување. Според тоа, не може да се каже дека секоја навреда или непријателска постапка е малтретирање.
Важно е да знаеш што точно значи изразот „малтретирање“, бидејќи некои сметаат дека се однесува на секоја постапка што може да вознемири некого, сеедно колку е безначајна. Но, ако правиш голема работа од ситници, тогаш како да му велиш на твоето дете дека не е способно само да ги решава несогласувањата — вештина која му е потребна сега и која ќе му биде неопходна кога ќе стане возрасен човек.
Библиско начело: „Немој брзо да се навредуваш“ (Проповедник 7:9).
Заклучок: Има ситуации во кои можеби ќе треба да преземеш нешто, но има и ситуации во ќе треба да оставиш твоето дете да научи како само да се справува со притисокот и да ги решава проблемите со другите (Колошаните 3:13).
Но, што да правиш ако тоа ти каже дека некој постојано и намерно го малтретира?
Како можам да му помогнам на моето дете?
Биди стрплив и слушај го внимателно. Пробај да сфатиш 1) што точно се случува и 2) зошто го малтретираат. Немој да донесуваш заклучоци пред да ги дознаеш сите факти. Прашај се: „Дали можеби ја знам само едната страна од приказната?“ За да стекнеш целосна слика за работите, можеби ќе треба да зборуваш со наставникот или со родителите на другото дете.
Библиско начело: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13).
Ако твоето дете навистина е жртва на малтретирање, помогни му да сфати дека неговата реакција може или да ги влоши работите или да ги подобри. На пример, во Библијата пишува: „Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изреки 15:1). Со други зборови, ако врати со иста мера, може да ја влоши ситуацијата и уште повеќе да го испровоцира насилникот.
Библиско начело: „Не враќајте зло за зло, ни навреда за навреда“ (1. Петрово 3:9).
Објасни му на детето дека тоа што нема да врати со иста мера не е знак на слабост. Напротив, ова покажува дека е силна личност, бидејќи не дозволува некој друг да го контролира. Може да се каже дека на тој начин го победува насилникот без и самото да стане насилник.
Многу е важно твоето дете да го има ова на ум, особено ако го малтретираат на интернет. Ако се впушти во „војна“ — онлајн расправија во која летаат навреди од двете страни — само ќе му даде повод на насилникот да продолжи. Освен тоа, така ќе се доведе во ситуација и самото да стане насилник. Затоа, понекогаш е најдобро воопшто да не одговара. Насилникот ќе види дека тактиката не му успеала, и има поголеми шанси да прекине со малтретирањето.
Библиско начело: „Кога снемува дрва, огнот згаснува“ (Изреки 26:20).
Во некои случаи, твоето дете би можело да ги избегне луѓето и местата каде што ќе наиде на малтретирање. На пример, ако знае каде обично се наоѓаат оние што го малтретираат, може да се поштеди така што ќе оди по друг пат.
Библиско начело: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3).
ПРЕДЛОГ: Помогни му на детето да процени што може да направи, но и да размисли кои би биле последиците. На пример:
Што може да се случи ако едноставно го игнорира насилникот?
Што може да се случи ако отсечно му каже да го остави на мира?
Што може да се случи ако го пријави на наставникот?
Би можел ли да го „разоружа“ насилникот со пријателски став или хумор?
Сеедно дали малтретирањето е лице в лице или на интернет, секоја ситуација е посебна. Затоа, помогни му на детето да најде практично решение за својот случај. Увери го дека ќе бидеш покрај него во оваа тешка ситуација.
Библиско начело: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).