Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Децата и мобилните телефони — Дел 2: Научете ги децата мудро да го користат телефонот

Децата и мобилните телефони — Дел 2: Научете ги децата мудро да го користат телефонот

 Мобилниот телефон може да го споредиме со еден остар алат — во зависност од тоа како се користи, тој може да биде или корисен или опасен. Како можете да ги научите вашите деца мудро да го користат овој уред? На пример, како да одредите колку време ќе им дозволите да го користат телефонот? a

 Што треба да знаете

  •   Мобилниот телефон може да го доведе корисникот во опасност. Како што видовме во статијата „Децата и мобилните телефони — Дел 1: Дали моето дете треба да има мобилен телефон?“, мобилниот телефон овозможува пристап до сето она што е на интернет — како до корисни така и до штетни работи.

     „Лесно е да заборавиме дека преку мобилните телефони нашите деца можат да дојдат во контакт со злонамерни луѓе и штетни идеи“ (Бренда).

  •   На децата им е потребно водство. Младите од рано детство учат да користат електронски уреди. За разлика од нив, за многу возрасни тие уреди се нешто релативно ново. Сепак, тоа не значи дека родителите не знаат ништо во врска со технологијата и дека нивните деца можат подобро да проценат кога и како да ги користат своите телефони.

     Точно е дека вашите деца можеби знаат подобро од вас да ракуваат со мобилен телефон, но тоа не значи дека знаат мудро да го користат. Дури и на децата кои, така да се каже, се родени со телефон во рака им се потребни совети од родителите што ќе им помогнат да го користат на одговорен начин.

     „Да му дадеш на детето мобилен телефон без да го поучиш како да го користи е исто како да му дадеш клучеви од кола, да го седнеш зад волан, да ја запалиш колата и да му кажеш ’Внимавај како возиш‘, а претходно не си му дал можност да оди на часови за возење“ (Сет).

 Што може да направите

  •   Научете какви опции има телефонот на вашето дете. Потрудете се да дознаете што може да му помогне на вашето дете одговорно да го користи телефонот. На пример:

     Кои опции на телефонот ви овозможуваат да имате контрола врз тоа колку време детето ќе го користи телефонот и кои интернет-страници ќе ги посетува?

     Дали знаете дека филтрите кои ја блокираат несоодветната содржина не се сто отсто сигурни?

     Колку повеќе знаете за телефонот на вашето дете, толку полесно ќе ви биде да му помогнете да го користи на одговорен начин.

     Библиско начело: „Кој има знаење, ја зацврстува својата сила“ (Изреки 24:5).

  •   Поставете граници. Одредете што ќе дозволите, а што нема да дозволите. На пример:

     Дали ќе му дозволите на вашето дете да го користи телефонот додека јадете заедно или додека се дружите со семејството или со пријателите?

     Дали ќе дозволите детето да има телефон во својата соба во текот на ноќта?

     Кои апликации ќе му дозволите да ги користи?

     Колку време дневно ќе му дозволите да го користи својот мобилен телефон?

     Добро објаснете му ги правилата на детето и бидете спремни да спроведете казнени мерки доколку ги прекрши тие правила.

     Библиско начело: „Воспитувајте ги [вашите деца] со стега од Јехова“ (Ефешаните 6:4).

  •   Проверувајте го телефонот на детето. Треба да знаете која лозинка ја користи детето и по потреба проверувајте му го телефонот вклучувајќи ги пораките, апликациите, сликите и страниците што ги посетува.

     „Ѝ кажавме на нашата ќерка дека одвреме-навреме ќе ѝ го проверуваме телефонот без претходно да ѝ најавиме. Исто така, ѝ кажавме дека, ако видиме дека неодговорно го користела телефонот, тогаш ќе ѝ го ограничиме користењето“ (Лорејн).

     Како родители, вие имате потполно право да знаете како вашето дете го користи мобилниот телефон.

     Библиско начело: „Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11).

  •   Всадете во детето морални вредности. Помогнете му на своето дете да развие желба да го прави она што е исправно. Зошто е тоа важно? Затоа што, ако детето сака да скрие нешто од родителите, ќе најде начин да го направи тоа без разлика колку тие се трудат да го надгледуваат. b

     Затоа, помогнете му на детето да стекне добри особини како што се чесност и самосовладување, и да развие чувство за одговорност за своите постапки. Ако детето има морални вредности, поголема е веројатноста дека мудро ќе го користи телефонот.

     Библиско начело: На зрелите луѓе „[моќта] на согледување... им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14).

a Во оваа статија се зборува за „паметни телефони“, односно мобилни телефони кои имаат пристап до интернет. Таквите телефони всушност се мини-компјутери.

b На пример, некои деца користат посебна апликација (ghost app) која изгледа сосема безопасно, како на пример калкулатор, а всушност во неа се крие содржина која тие не сакаат нивните родители да ја видат.